По Романија, Исланд, Полска, Молдавија, Сејшелите и Маврициус (Тајланд сè уште размислува за овој потег), сè повеќе земји најавуваат дека ќе им дозволат на вакцинираните патници да влезат без негативен ПЦР-тест или карантин.
Важноста на сертификатот за вакцинација секој ден се зголемува и покрај многубројните полемики.
Едно од најактуелните прашања е каде и под кои услови можете да патувате?
Земји отворени за вакцинирани туристи
Мадеира е подготвена да ги пречека патниците што целосно се вакцинирани против Ковид-19. Покрај нив, добредојдени се и оние што го прележале вирусот, за што ќе биде потребно лекарско уверение. Според туристичката организација на Мадеира, потврдата за вакцинацијата мора да биде на англиски јазик.
Исто така, мора да содржи информации како што се: името на патникот, датум на раѓање, вид вакцина и датум на вакцинација. Патниците што биле позитивни на коронавирусот во период од 90 дена пред патувањето, но оздравиле, мора да поседуваат лекарско уверение за да го докажат тоа.
И Исланд најави дека ќе го укине карантинот за патниците што се вакцинирани. Туристичката организација на оваа земја наведува дека се изземени сите патници со важечки меѓународен сертификат за целосна вакцинација со одобрена вакцина против Ковид-19.
Во моментот може да се патува до Сејшелите, кои се отворени за вакцинирани туристи. Сите посетители се ослободени од двонеделниот карантин доколку имаат доказ за целосна вакцинација (2 примени дози) најмалку две недели пред патувањето.
Фото: Freepik
Без негативен ПЦР-тест
Романија веќе ги иззема патниците што имаат докази за вакцинација (ако втората доза била примена најмалку 10 дена пред туристот да влезе во земјата) од ПЦР-тест. Ова правило важи и за посетителите што ќе докажат дека биле заразени со Ковид-19 од 14 до 90 дена пред влегувањето во земјата.
И Грузија го олесни влезот. Вакцинираните патници можат да влезат во оваа земја без дополнителни ПЦР-тестови. Сите други мораат да имаат негативен ПЦР-тест за да влезат во земјата. По три дена престој, патниците мора повторно да се тестираат. Сепак, нема карантин помеѓу овие два теста.
Естонија објави дека на патниците што ќе приложат целосен сертификат за вакцинација ќе им биде дозволен влез во земјата без негативен ПЦР-тест. Исто така, тие нема да мора да одат во десетдневен карантин. Сепак, епидемиолошките мерки во земјата и понатаму треба да се почитуваат, иако се многу поопуштени. Продавниците и рестораните се отворени, но со ограничен капацитет.
Најави за летната сезона
Од 1 април 2021 година Кипар планира да дозволи влез на вакцинирани израелски државјани, без карантин и негативен ПЦР-тест. И Израел е во преговори со Грција за ваков договор. И двете држави си ги признаа потврдите за вакцинација, со што на еден начин создадоа коридор. Израел не е единствена земја што потпишала ваков договор со Грција. Грција и Велика Британија водат разговори за
ковид-пасош, кој на британските граѓани ќе им овозможи да заминат на одмор во Грција без карантин, од почетокот на мај. Се очекува Грција да преговара и со други земји.
На почетокот од февруари шведската влада објави дека дигиталниот ковид-пасош ќе биде подготвен за употреба пред почетокот на летото.
Веста, која сè уште не е официјално потврдена, е дека Шпанија ќе им овозможи на вакцинираните патници од одредени земји да го поминат летниот одмор таму без карантин, под услов да имаат негативен ПЦР-тест.
Извор:
Travelmagazine.rs
Фото: Freepik