X
 27.02.2023 Живот

Населението во Јапонија пати од хронична осаменост и страв од сиромаштија

Минатата година во Јапонија животот си го одзеле 21.584 луѓе. Тоа се 59 лица на дневно ниво, а огромното мнозинство биле мажи. Бројот на самоубиства во Јапонија во 2022 година е зголемен во споредба со претходната година, со прво зголемување на самоубиствата на мажи во последните 13 години.

Сепак, овие статистички податоци не ја прават Јапонија земја со највисока стапка на самоубиства во светот. Таа неславна титула ѝ припаѓа на малата африканска земја Лесото, чија површина се наоѓа на надморска височина од повеќе од 1.000 метри, поради што ја нарекуваат „Небесното царство“.

Иако Јапонија со години не е меѓу првите 10 земји со највисока стапка на самоубиства, тие сепак претставуваат сериозен проблем таму. Самоубиството е водечка причина за смрт кај мажите на возраст од 20 до 44 години и кај жените на возраст од 15 до 34 години.

Самоубиството е почесто кај мажите


Мажите во Јапонија имаат двојно поголема веројатност да извршат самоубиство од жените, особено по разводот. Посебно загрижува самоубиството кај мажите кои неодамна останале без работа и повеќе не биле во можност да се грижат за своите семејства.

Зошто стапката на самоубиства е толку висока во Јапонија?


Од луѓето се очекува да останат во брак со една личност и да работат на една работа доживотно, а притисокот од тоа очекување може да направи разводот или губењето на работата да се доживуваат како неуспех.

Шумскиот дел на Јапонија, Аокигахара, во подножјето на јапонската планина Фуџи, е жариште за самоубиства бидејќи стотици луѓе одат таму секоја година за да извршат самоубиство. Полицијата редовно патролира во областа барајќи жртви и преживеани.

Изолацијата и осаменоста се најголеми причини


- Изолацијата е причина број еден за депресија и самоубиство. Во денешно време сѐ почесто се читаат приказни за стари луѓе кои умираат сами во своите станови. Тие се запоставени. Во минатото, децата во Јапонија се грижеле за своите стари родители, но повеќе не - вели Ватару Нишида, психолог од Универзитетот „Темпл“ во Токио.

Луѓето често ја наведуваат долгата традиција на „почесно самоубиство“ во Јапонија како причина за високата стапка. Тие укажуваат на обичајот на самураите да вршат „сепуку“ или на младите пилоти „камикази“ од 1945 година, за да покажат дека постојат различни културни причини зошто Јапонците се склони да си ги одземат животите. Психологот Нишида донекаде се согласува.

- Јапонија нема историја на христијанството, така што самоубиството овде не е грев. Впрочем, некои тоа го гледаат како начин на преземање одговорност - вели психологот, а други не се согласуваат, наведувајќи дека во последните 40 години постарите луѓе што се во финансиски проблеми можат да го гледаат самоубиството како излез.

Но, не само постарите мажи што имаат финансиски проблеми си го одземаат животот. Најбрзорастечки број на самоубиства ги вршат младите мажи, особено на возраст меѓу 20 и 44 години. Доказите сугерираат дека овие млади луѓе се убиваат бидејќи изгубиле надеж и не можат да побараат помош.

Не можат да најдат стабилна работа

Бројките првпат почнале да растат по азиската финансиска криза во 1998 година. Тие повторно се зголемија по глобалната финансиска криза во 2008 година. Експертите сметаат дека овие поскапувања се директно поврзани со зголемувањето на практиката за вработување млади луѓе со краткорочни договори.

Јапонија некогаш беше позната како земја на доживотно вработување. Но, додека многу постари луѓе сè уште уживаат во сигурни работни места и дарежливи бенефиции, речиси 40 отсто од младите луѓе во Јапонија не можат да најдат постојана работа. Финансиската анксиозност и несигурност се засилени од јапонската култура, каде што нема многу начини да се изрази тагата.

32 милиони долари годишно за депресијата

- Во Јапонија нема многу начини да се изрази гнев или фрустрација. Ова е општество ориентирано кон правила. Младите се обликувани да се вклопат во рамките на тие правила. За нив не постои начин да ги изразат своите вистински чувства. Ако се чувствуваат под притисок од нивниот шеф и станат депресивни, некои сметаат дека единствениот излез е смртта - вели Нишида.

Јапонската Влада соопшти дека самоубиствата и депресијата ја чинеле економијата 32 милијарди долари во 2009 година. Јапонија првпат објави вакви податоци, а тие се однесуваат на изгубени приходи и медицински трошоци. Затоа, јапонската Влада формираше посебна работна група за намалување на бројот на самоубиства, кои сепак во последните години покажуваат одредени резултати и знаци на намалување на стапката на самоубиства.

Извор: Putnikofer.hr
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот