X
 27.02.2023 Наша тема

При изборот на планинарски тури, подобро е малку да се потценуваме отколку да се преценуваме, вели планинарскиот водич Горан Николоски

Пред почетокот на акцијата треба да се запрашаме - дали акцијата е за мене? Дали имам облека и обувки што ќе ме штитат од силен ветар, студ и врнежи? Каква е временската прогноза? Имам ли во ранецот сѐ што ми е потребно за денешната акција? Колку часа ми се потребни за да ја поминам целата патека? Стрмен ли е теренот? Важно е да избереме акција која е примерна за нашата физичка и психичка подготовка, и да знаеме да ја употребуваме опремата што ја носиме, вели Горан Николоски, планинарски водич

Планинарскиот спортски клуб „Х2О“ одржа Зимска школа на снежните терени на Попова Шапка со цел издигнување на културата на планинарење во Македонија. Каква планинарска облека и опрема е потребна за движење на планина во зима, движење низ снег и употреба на планинарски стапчиња, движење со дерези, употреба на цепин, движење со дрезги, изградба на зимско засолниште, изработка на патека и тоалет за засолништето, покажување на слоевите во снегот, типови лавини, спречување падови со цепин и дерези (Self-arrest), движење во наврска, турно скијање... беа само дел од практичните презентации.


Горан Николоски

- Колку што посетата на планините во зимскиот период може да донесе радост и убави моменти, толку може да биде и опасна ако посетителите и планинарите се неподготвени и неодговорни. За планинарење, освен што е потребно да имаме одредени технички вештини, уште поважно е да умееме да се приспособиме на ниските температури и на интензивните сончеви зраци. Залудни се обидите да се подготвуваме спиејќи во дворот во студена ноќ или да трчаме илјадници метри. Наместо тоа, треба да научиме како нашето тело реагира на студ, како правилно да одлучуваме во случај на невреме и како да се заштитиме од сонце - посочува Горан Николоски, регистриран планинарски водич при ФПСМ и регистриран планинарски водич при Планинарскиот сојуз на Словенија.

Над 500 учесници на Зимската школа

Како што вели тој, пред почетокот на акцијата треба да се запрашаме дали акцијата е за мене? Дали имам облека и обувки што ќе ме штитат од силен ветар, студ и врнежи? Каква е временската прогноза? Имам ли во ранецот сѐ што ми е потребно за денешната акција? Колку часа ми се потребни за да ја поминам целата патека? Стрмен ли е теренот?

- Важно е да избереме акција која е соодветна за нашата физичка и психичка подготовка, и да знаеме да ја употребуваме опремата што ја носиме. Е, тука доаѓа до израз Зимската школа на планинарско-спортскиот клуб „Х2О“ од Скопје. Како се употребуваат цепин, дерези, дрезги, како правилно се движи низ длабок или смрзнат снег, како се прави засолниште во снег, како се движи во наврска од јаже, каква облека и обувки се потребни во зима, како се става појас, шлем? Клубот веќе 12. пат, не само за своите членови туку и за заинтересираните, доброволно ги става на располагање знаењето на водичите и планинарската техничка опрема за безбедно движење во зимски услови. Досега на школата присуствувале повеќе од 500 луѓе, од кои подоцна неколкумина прераснаа во успешни високогорци - споделува Горан Николоски.



Во планините важат други закони отколку во долините и градовите. Тие што сакаат да ги посетуваат планините треба да ги познаваат тие закони и да се приспособат.

- Околината е покриена со снег и околностите за движење низ планините се променети, температурите се ниски, деновите се пократки, има мал број луѓе низ планините, има опасност од лавини и, секако, опасност од лизгање. Грешките што ги правиме на планина се слични и во лето и во зима. Себепреценување, потценување на напорот потребен за акцијата, употреба на несоодветна храна и планинарска опрема, непочитување на најавената временска прогноза, непочитување на правилата за заштита на природата. Мислиме дека сме многу силни, а не сме; не се запознаваме со деталите за должината на патеката, носиме погрешни обувки и облека над 2.000 метри, мислиме дека ќе нѐ заобиколат најавените дожд и ветер, расфрламе остатоци од храна не почитувајќи го правилото: „Единствено што треба да оставиме во природата се отпечатоци од нашите чевли“. Затоа, најдобро е во зимски услови во планина да се движиме со планинарски водичи регистрирани при Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ) - категоричен е Горан.



Кои се симптомите на хипотермија

Колку повисоко се качуваме, толку е постудено, односно температурата на воздухот опаѓа за 1-2 степени на секои 200 метри искачена височина, или 6 степени на 1.000 искачени метри. Покрај тоа, интензивниот физички напор на голема височина бара дополнителна енергија. Затоа, поради слаба исхрана, ќе се чувствувате исцрпени и вашето тело тешко ќе може да произведувa топлина, што може да предизвика премрзнување.

- Во почетокот студот почнувате да го чувствувате во екстремитетите, потоа се шири на виталните органи. Фактори што поттикнуваат смрзнатини се несоодветна опрема, ветар, дехидрација, височина, тесна облека, обувки или опрема, алкохол, пушење. Чувството на студ се зголемува кога ветрот е во контакт со сува незаштитена кожа. На пример, температура од -15°С во комбинација со ветар со брзина од 60 км/ч дава субјективно чувство на студ како -30°С без ветар. При смрзнатини треба да се изолираме од земја, да ја замениме мократа облека со сува, да ги покриеме градите, да ставиме капа и алуфолија околу нас, да запалиме оган, да го загрееме телото со затоплени предмети на градите, да се засолнеме од ветар, да не пиеме алкохол. За подобра заштита, од особена важност е да ги препознаваме симптомите на хипотермија (кога внатрешна телесна температура е 35°С или пониска). При умерена хипотермија (од 35°С до 32°С) се јавува интензивно треперење, млитавост, тешко зборување, препнување, ризик од паѓање. При тешка хипотермија (од 32°С до 28°С), треперењето престанува, одењето станува невозможно, мускулите стануваат крути, има тенденција за свиткување во фетална положба, ограничена свесност, ступор, забавена функција на срцето и на белите дробови. При длабока хипотермија (од 28°С до 24°С) запаѓаме во хипертонична кома и имаме проширени зеници, а при внатрешна телесна температура помала од 24°С имаме минимални изгледи за преживување - објаснува нашиот соговорник.



Никогаш не одете сами на планина

На прашањето како во кратки црти се сумира бонтон на планина, Николоски посочува:
• Поздравувајте ги луѓето на планина, независно дали се искачуваат или слегуваат.
• Сѐ што сте донеле на планина (храна, пијалаци ...) вратете го дома, до првиот контејнер.
• Бидете тивки и не вознемирувајте ги животните.
• Никогаш не одете сами на планина. Секогаш движете се во група и со планинарски водичи.
• Информирајте го семејството/пријателите каде одите и кога да ве очекуваат.
• Не пијте алкохол на планина.
• Вратете се веднаш или најдете засолниште ако временската ситуација се промени.
- Во случај на несреќа, помогнете им на луѓето што се во неволја во рамките на своите можности, знаење и средства. Свртете на бесплатниот број 112 (Центар за управување со кризи) и дајте ги следните информации: кој повикува, место, телефонски број? Каде се случила несреќата? Што се случило, кога и како? Колкумина се повредени и какви повреди имаат повредените? И, многу важно, испратете координати преку СМС или мобилни апликации од вашата локација до луѓе кои знаат да ги прочитаат - советува Николоски.



Кога да се оди во планина во зима?

- Тогаш кога снегот ќе легне и кога нема опасност од лавини, а треба да внимаваме да не нѐ изненадат и снежни намети. Пред сѐ, треба да го почитуваме начелото на постапност – од полесно, поедноставно, кон потешко, понапорно. Ако сме на почеток од своето планинско искуство, да одбереме полесни акции. Подобро е малку да се потценуваме отколку да се преценуваме. За одредени акции, нека не ни биде жал за парите што ќе ги дадеме за организирана акција со водич кој побезбедно ќе нѐ води на планина и назад. Ако потоа утврдиме дека сме способни, другпат може да ги повториме акциите сами или во друштво со пријатели. Пред сѐ, да не се обидуваме да се докажуваме. Планините ќе бидат на исто место, апелира планинарскиот водич.



Што треба да преземеш доколку се изгубиш во планина?


- Ако се изгубиме, треба да останеме мирни и да се обидеме да се вратиме до последната ознака што сме ја забележале на патеката. Ако се стемни или има магла во планината, и ако не сме во живото-загрозувачка ситуација, треба да се обидеме да направиме засолниште од опремата што ја имаме и од растенијата во околината. Треба да се облечеме, да седнеме врз ранецот во засолниште од дрвја, гранки, карпа; позитивно да размислуваме и следното утро да најдеме решение за проблемот.
Во магла или во текот на ноќта не треба да продолжуваме во непознато, туку да се обидеме да направиме засолниште, да ја зачуваме батеријата на мобилниот телефон и да го повикаме бесплатниот број на Центарот за управување со кризи - 112!
Во ранецот секогаш да носиме компас и мапа од теренот, ГПС-уред со снимена патека и полн мобилен апарат со дополнителна батерија, торбичка за прва помош, висококалорична, долготрајна храна - информира Николовски.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема