X
 05.02.2023 Наша тема

Осум часа пробивање низ снег - Бориславец може да биде синоним за совршенство

Планинарското друштво „Ај лав хајкинг“ организира зимска планинарска тура на четвртиот највисок врв на Шар Планина, Бориславец 2.675 метри надморска височина. Во густа магла, снег над колена, 1.600 метри висинска разлика, успеавме да ги совладаме сите временски услови и да се наполниме со хипнотизирачки мир

Ново Село - почетна точка на една зимска планинска тура. Село во Општина Боговиње, во околината на Тетово. Уште самиот почеток на турата е помрзнат и непријатен. Навестува тешка тура. Низ заледената стрмна калдрма сред село, покрај штали и кротки шарпланинци, почнуваме еден не толку обичен ден. Пред сѐ, затоа што е полн со неизвесност, дали ќе успееме да се качиме на моќниот Бориславец, дали времето ќе биде милосрдно? Ќе се гази ли снегот? Колку долго ќе нѐ следи маглата... Ќе успееме ли во 13 часот да се „чекираме“ на врвот? Ќе бидеме ли побрзи од сонцето?



Бориславец е четврти врв по висина на Шара. Веднаш по Титов Врв (2.748 м), Мал Турчин (2.702 м), Бакрдан (2.700 м). Познат е по најголемото езеро на Шар Планина, Боговињското Езеро, едно од 27. леднички езера познати како Шарски Очи.

Важи за стрмен врв, тежок за совладување, моќен, атрактивен и секогаш супер предизвик.



Цел пат е покриен со снег. По првите два километра водичите почнаа со пробивање и трасирање патека низ снегот. Стрмни снежни скали полека нѐ движат кон целта. Маглата се згуснува. Ни се мати погледот и ништо освен стапките пред себе не се препознава. И трае, два саати не знаеме ниту каде одиме ниту кај сме поминале. И тамам кога мотивацијата се вклучува на црвено, облак полн иње струи низ нас и бистро небо ни изгрева над главите. Пејзажот радикално се смени. Сонце нѐ огрева. Дава надеж дека можеби ќе успееме во стремежот. Енергијата се полни отпочеток. Снежните скали се уште пострмни и потешки за газење, со околу 49 степени косина според процените на водичите. Околу 80 сантиметри снег го тапкаме во веќе синхронизирана колона. Чекорот се забрзува со намера да создадеме време и да згазнеме на 2.675 метри надморска височина, ама и за да се спуштиме во селото додека не се смрачи. Небесната синевина нѐ полни со позитива и полесно одат чекорите. Следниот чекор ни е на моќниот Бориславец. Условите се супер за јануарските временски услови.



Ветрот со смрзнувачки допир, сонцето брутално нежно. Нѐ топли себедокажувањето дека сме успеале. И адреналинот е тука за одржување на циркулацијата. Не трошиме минути на врвот оти секако сме во дефицит и со залет се спуштаме надолу, по снежна 8,5-километарска смрзната удолница.



- Бориславец е тешко достапен во зима поради тоа што нема гребен за да се стигне по него. Гребенот претставува патека која е оддувана од ветерот во зимски услови, можеби е замрзната, но нема никаква опасност од лавини. Бориславец е спротивно на тоа. Нема гребен и пред самиот крај е лавински опасен за искачување. Но поради првата снежна покривка која не беше поголема од 100 см, не претставува голема опасност од лавина. Патеката е долга 8,5 километри, меѓу кои 5 километри се пробива пат во зима. Без тоа пробивање каде што учествуваат сите членови на клубот, невозможно е искачување на врвот.
За да се искачиш на врвот, треба да качиш повеќе од 1.600 метри висинска разлика, што е доста голема висина за во еден ден во зимски услови. Сите овие параметри го прават искачувањето атрактивно - ни сподели Дејан Доневски, претседател на планинарското друштво „Ај лав хајкинг“ и еден од организаторите и водичите на планинарската тура.



Уметноста на откривање нови места е ревитализирачка. Обземени од прекрасен замор, пакуваме уредно спомени и возиме дома. Во среќен делириум го испраќаме Бориславец.





Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема