X
 27.03.2017 Култура

Херман Хесе за магијата на книгите и за тоа зошто читаме

Никој досега не успеал поубаво да ја врати трансценденцијата на пишаниот збор од лауреатот нобеловец, швајцарскиот писател и сликар, Херман Хесе, во величенствениот есеј насловен како „Магијата на книгата“, запишан во посхтумно објавеното вредно откритие „Мојата вера: Есеи за животот и уметноста“.

„Меѓу многуте светови кои човекот не ги добил како дар од природата, туку ги создал со својот ум, светот на книгите е најголемиот. Без зборови, без пишување книги, не постои историја, на постои концепт за човештвото. Кога некој би посакал да се обиде да ја затвори историјата на човековиот дух во мал простор, во една куќа или една соба, и да ја направи своја, тоа може да го направи само во форма на збирка од книги“.


Фото: Pixabay

Прашањето што се книгите и какво влијание имаат, сè уште трае. За Кафка тие биле „секира за замрзнатото море во нас“; за Карл Саган „доказ дека луѓето се способни да прават магија“; за Џејмс Болдвин „начин да се промени нашата судбина“;  за Нил Гајман „пренесувач на најдлабоките човечки вистини“;  за полската добитничка на Нобеловата награда Вислава Шимборска „нашата крајна граница на слободата“. Најблизок до Галилеј, кој читањето го гледал како „начин да се поседуваат натчовечки моќи“, Хесе смета дека пишаниот збор има историска улога:

„За сите луѓе зборот и пишувањето се магични и свети; именувањето и пишувањето се магични активности, магиско освојување на природата преку духот, и дарбата за пишување насекаде се сметало дека има божествено потекло. За повеќето луѓе пишувањето и читањето биле тајна и света уметност резервирана само за свештенството“.

Во есејот Хесе забележува дека новите форми на медиуми – радиото и филмот тогаш, а интернетот сега, не претставуваат закана за книгите, затоа што книгата е единствена во своето духовно вреднување на човековиот живот:

„Не треба да се плашиме дека во иднина книгите ќе исчезнат. Напротив, што е поизвесно задоволувањето на  потребите за забава и образование преку други пронајдоци, книгата ќе се врати со достоинство и авторитет. Дури и најдетинската опиеност со прогресот наскоро ќе биде  натерана да признае дека книгите и пишувањето имаат функција која е вечна.“

Во својата  извонредна, далекувидна одломка, тој додава: „Сè уште не сме стигнале до точката кога помладите конкуренти како радиото и филмот одземаат сè од печатената книга, туку само оној дел од функцијата што е небитен“.

Она што на книгата му дава непоколеблива стабилност, како што тврди Хесе, е нејзиниот магичен карактер – непроменлив и незаменлив, без оглед на промената на медиумите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура