X
 27.03.2019 Спорт

Конор Мекгрегор - од сиромашен водоинсталатер до шампион и мултимилионер

Контроверзниот ирски борач Конор Мекгрегор по којзнае кој пат го шокира светот откако реши да замине во пензија на 30-годишна возраст.

Тој го објави тоа на својот твитер-профил.

Најпознатото лице на УФЦ тврди дека нема повеќе да се враќа во рингот. Така ММА останува без една од најпопуларните личности во светот на спортот.

Ова е неговата чудесна животна приказна.

Конор Мекгрегор е роден на 14 јули 1988 година во Даблин. Живеел во скромни услови со родителите и две постари сестри. Таткото Тони, кој работел како таксист, во едно интервју истакна дека не ни сонувал дека Конор ќе стане професионалец борач, иако се родил подготвен за борба.

Конор како дете тренирал фудбал и настапувал за клубот „Лурд Селтик“, а бокс почнал да тренира на 12 години.

Кога во 2006 година со семејството се преселил во Лукан, почнал да тренира мешани борачки вештини. За да преживее, почнал да работи како водоинсталатер, а примал и социјална помош.

Бил одличен во аматерските борби, а во 2008 година го имал професионалното деби во ММА. Во втората рунда го нокаутирал ривалот.

Од 2011 до 2012 година Конор имаше победничка низа од осум меча и стана шампион во перо-категорија. Така тој стана и првиот ММА-борач Европеец што ги има двете титули истовремено.

На почетокот од 2013 година потпиша договор со УФЦ. Дебитираше во борба против Маркус Бримаж. Интересно, за да отиде на борбата му требале 188 евра, колку што изнесувала социјалната помош од која живеел. Го нокаутирал противникот и тогаш почнува неговиот подем.

Во ноември 2016 Мекгрегор стана шампион во УФЦ во лесна категорија. Истиот месец УФЦ издаде известување во кое беше наведено дека Мекгрегор ја препушти шампионската титула на Хозе Алдо поради неактивност во перо-лесна категоријата. Со овој потег Алдо стана шампион на УФЦ во перо-лесна категорија. Според некои тврдења, Мекгрегор не го направил тоа своеволно, тулу му била одземена титулата.

По освојувањето на титулата во лесна категорија, Мекгрегор направи пауза во УФЦ-борбите и се посвети на подготвување за својот прв професионален боксерски меч против Флојд Мејведер. Мечот се одржа на 26 август 2017 година во Невада. Само два дена пред почетокот беше најавено дека ќе се борат за појас кој може да им донесе заработка од 100 милиони долари. Пред повеќе од 14.000 гледачи Мекгрегор е поразен со технички нокаут во 10. рунда. Конор ја загуби борбата и доби (според пишувањето на медиумите) 30 милиони долари.

Во октомври 2018 година беше одржана УФЦ 229 борба во која Мекгрегор се бореше против актуелниот светски шампион во лесна категорија, руската ММА-ѕвезда Хабиб Нурмагомедов. Борбата беше најавувана како борба на векот. Мекгрегор беше принуден да го предаде мечот во четвртата рунда, откако Нурмагомедов успеа да го стегне околу вратот. Беше очигледно дека по двегодишната пауза Ирецот не може да му парира на Русинот, кој остана непоразен шампион во лесна категорија. Мечот ќе остане запаметен по тоа што Хабиб непосредно по завршувањето на борбата ја скокна оградата на рингот и почна да се тепа со луѓе во публиката, по што настана општа тепачка. Иако поразен, Мекгрегор за учеството доби 3 милиони долари, а пред дуелот се шпекулираше дека неговата вкупна заработка ќе биде поголема од 50 милиони. По инцидентот Мекгрегор беше суспендиран на шест месеци.


Фото: Kurir

Личноста што беше со Конор и во добро и во зло е неговата партнерка Ди Девлин. Конор и Ди се заедно од 2008 година, а Конор често во интервјуата истакнува дека таа е најзаслужна за неговиот успех.

- Мојата девојка беше тука за мене кога беше најлошо и кога бев никој и ништо. Сега сум во можност да ја одведам каде и да посака и да ѝ подарам што и да посака, и тоа ме прави горд - истакна Конор во една пригода.

Тие биле заедно во времето кога тој немал ништо, живееле во изнајмен стан, преживувале од социјална помош, но тоа не ја спречило да го поддржува и да му биде поддршка. Нивната врска не била погодена од славата и успехот на Мекгрегор и во 2017 година тие станаа родители.


Мекгрегор дефинитивно не е само борач, туку е и светска сензација, како во рингот така и на социјалните мрежи. Неговата онлајн-империја вклучува 30,6 милиони следбеници на „Инстаграм“, 7,5 милиони на „Твитер“ и уште 7,8 милиони лајкови на официјалната страница на „Фејсбук“.

Мекгрегор е вистинска машинерија за правење пари, со популарност на фудбалер, животен стил на холивудска ѕвезда и број на фанови како вистинска поп-икона.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт