X
 05.02.2017 Живот

Студентката од разрушеното Алепо

„Мојот град се претвори во рушевини“, вели Маријам која и покрај постојаната опасност одбива да се откаже од студирањето. Два пати ја бркале од својот дом, живееле без основни услови за живот, како струја и вода, но одлучната 22 – годишна студентка не се предава.


Пред четири години завршила средно образование и почнала да студира на Универзитетот во Алепо, кога одеднаш во градот се појавиле ракети, бомби и проектили и загинале десетина нејзини колеги.  

„Гледав како пријателите умираат и уште не можам да заборавам што се случи. Видов многу повредени студенти, насекаде имаше крв, смрт, беше страшно“, изјавила Маријам за „BBC“. Животот во Алепо го опишува како мешавина од страв и опасност: „Многу плачев кога го набљудував градот, уништен е...“

Но, и покрај стравот, таа тврдоглаво одлучила да продолжи со студирањето и на тој начин да им оддаде почит на сите што загинале. Станала онлајн студент на американскиот проект „University of the People“ и свесно одбрала оптимизам.

Во разговор преку „Skype“ рекла: „Која е најтешката работа кога сте студент во Алепо? Па всушност, да останете жив.“

Две години немале струја. Маријам оди во локална продавница каде што некогаш се потребни и 12 часа за да го наполни мобилниот телефон и лап топот. Интернетот е слаб, па таа со помош на пријатели го контактирала факултетот во Дамаск за да може да го промени датумот за полагање на испитите.

Вели дека топлината и светлината се дневни предизвици во Алепо, особено во зима. Водата им е достапна само три пати во неделата, па тогаш собираат залихи, а најчесто учи под свеќа. Но, не се жали, туку со копнеж зборува дека сака само барем еден ден да биде „нормален студент“.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот