X
 27.03.2021 Живот

Здравствени пасоши - што планираат земјите низ светот?

Потребата од сертификат за вакцинација против коронавирусот за патување станува реалност. Лидерите на членките на Европската Унија разговараат за воведување сертификат пред почетокот на летната сезона, но некои земји, во и надвор од ЕУ, веќе објавиле планови за таканаречени „вакцина-пасоши“.

Како ќе функционира пасошот за вакцинација на ЕУ?

Целта на пасошот на ЕУ е да се овозможи патување преку границите во ЕУ во текот на летото, но реализацијата останува предизвик. Сертификатот, кој би бил дигитален или хартиен, би им овозможил на сите што примиле вакцина против коронавирусот, имаат нов негативен тест или неодамна го прележале коронавирусот, да патуваат низ сите земји-членки на ЕУ.

ЕУ сака да ги вклучи во „меурот“ и Норвешка, Исланд и Швајцарија. Дигиталниот сертификат би функционирал со QR-код, кој ќе ги содржи личните податоци на лицето. ЕУ работи со Светската здравствена организација (СЗО) за да направи овој пасош да биде признаен и надвор од Европа.

Како ќе функционира пасошот за вакцинација на Данска?

Данска планира да користи таканаречен „коронапас“, кој претставува пасош за вакцинација. Пасошот прво ќе се користи за патување во земјата, и тоа почнувајќи од католички Велигден, додека подоцна би се користел и за патување во странство. Коронапасот ќе биде поврзан со дигиталниот систем за идентификација во земјата, кој на Данците им овозможува пристап до повеќе онлајн-платформи.


Фото: Копенхаген/Pixabay

Се очекува Данска да ги олесни мерките за ограничено движење до средината на мај, но Данците ќе треба да покажат доказ за вакцинација, прележување или негативен тест за да одат на фризер, во ресторан, кино и на слични места.

Израел веќе има пасош за вакцинација - како функционира?

Во Израел се вакцинирани најголем дел од населението во споредба со другите држави. Над половина од жителите примиле две дози од вакцина против коронавирусот. Во земјата е достапна „Зелена пропусница“ за сите што се вакцинирани или оздравеле од коронавирусот, а овие пропусници се користат за влез во хотели, вежбалници, театри итн. Пропусницата е достапна во хартиена форма или во апликација, која се поврзува со податоци на лицето од министерството за здравство.

Апликацијата може да им овозможи патување во странство на жителите. Израел веќе постигнал договори со Грција и Кипар за патувања со пропусниците. Постојат критики за пропусниците поради грижа за приватноста, а странски лица или жители што не се здравствено осигурани не може да добијат пропусница.

Како ќе функционираат пропусниците на Естонија?

Естонија планира да доделува дигитални сертификати во облик на QR-код кои треба да претставуваат доказ за вакцинација. Планот е да почнат да се доделуваат до крајот на април. Жителите ќе може да го преземат својот уникатен код за да докажат дека се вакцинирани, а потоа може да го чуваат овој код во телефонот или да го отпечатат.


Фото: Талин/Pixabay

Велика Британија размислува да воведе пасоши за вакцинација

Во Велика Британија е забрането патување во странство, па можните пасоши за вакцинација би можеле да променат многу работи. Премиерот Борис Џонсон им кажал на членовите на Парламентот дека може да се бараат сертификати за вакцинација од луѓето што посетуваат пабови и слични локации. Тој изјавил дека сериозно размислува за оваа опција, а владини извори откриле за Би-би-си дека владата размислува и да им бара на жителите доказ за негативен тест при влез во паб и други места.

Кои се предизвиците при воведувањето вакви пасоши?

Повеќе компании објавиле планови за здравствени сертификати, а подоцна и пасоши за вакцинација од почетокот на пандемијата, но има предизвици поврзани со овие документи. Овие сертификати бараат безбеден метод за поврзување со лични податоци на лицата, а земјите што би примале вакви документи би морале да следат заеднички стандарди воспоставени од организации како СЗО и ЕУ.

Има дебати и за приватноста и човековите права, односно колку сигурни може да бидат луѓето дека нивните податоци се чуваат на безбеден начин и нема да бидат искористени за други цели. Освен тоа, дали оние лица што ќе одберат да немаат пасоши ќе немаат иста слобода?

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот