X
 27.04.2023 Наука

Научници можеби најдоа лек за глувост

Научници од медицинската школа при „Харвард“ истакнаа дека направиле нов лек - коктел од молекули - за кој велат дека може успешно да ги регенерира влакнестите клетки во внатрешното уво кои овозможуваат да слушаме. Ова е потенцијално пионерски третман за изгубен слух.

Како што е наведено во нов труд, истражувачите предизвикале нов раст на влакнестите клетки кај глувци преку репрограмирање на генетичките патеки во внатрешното уво.

Тие се надеваат дека студијата би можела да ја постави основата за идни клинички испитувања за развивање третман за луѓе кои страдаат од изгубен слух. Тоа е големо „ако“, но и зрак надеж за луѓето што не слушаат.

- Овие пронајдоци се екстремно возбудливи затоа што во историјата на полето на изгубен слух, способноста за регенерирање на влакнестите клетки во внатрешното уво е светиот грал. Сега имаме коктел сличен на лек кој ја покажува изводливоста на пристапот што можеме да го испитуваме за идни клинички примени - истакна лидерот на истражувачкиот тим, доцентот Женг-Ји Чен.

За разлика од некои видови риби, птици или рептили, луѓето немаат способност за регенерирање на влакнестите клетки, кои се како биолошки микрофони одговорни за пренесување на звучните сигнали од внатрешното уво до мозокот.

Во претходно испитување, исто на глувци, тимот на Чен успеал да направи други видови клетки да се делат и да развиваат карактеристики на влакнести клетки. Последното истражување го надградува тој успех преку активирање на истите патеки со употреба на новоразвиени хемиски соединенија.

Преку користење молекули наречени мали интерферентни РНК (siRNAs), тимот успеал да ги отстрани гените кои ја потиснувале активацијата на генетичките патеки, што, пак овозможува раст на влакнести клетки во внатрешното уво.

- Мислете на ова како на кочница при возење автомобил. Ако кочницата секогаш е активна, не можете да возите. Ние најдовме siRNA која може да ја отстрани кочницата на оваа генетичка патека - објаснува Чен

Преку ставање на лекот директно во внатрешното уво на возрасни глувци, истражувачите утврдиле дека глувците регенерирале влакнести клетки кои се чинат целосно функционални. Пред да го тестираат лекот на луѓе, истражувачите планираат да го тестираат на поголеми животни.

Извор: Futurism
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука