Познат е како болест на современиот свет. Лошиот животен стил и дебелината доведуваат до зголемување на бројот на заболени од дијабетес тип 2, кој се јавува кога телото не може да произведе доволно инсулин за регулирање на нивото на шеќер во крвта.
Истражувачите сметаат дека во текот на следната деценија инсулинот можеби нема да им биде достапен на милиони луѓе низ светот што боледуваат од дијабетес. Околу 400 милиони луѓе - од кои повеќе од половина се во Кина, Индија и во САД - на возраст од 20 до 79 години, живеат со дијабетес тип 2, кој е најчестиот облик на оваа болест. Се претпоставува дека до 2030 година од дијабетес тип 2 ќе боледуваат повеќе од 500 милиони луѓе.
Нова студија објавена во списанието
„Лансет“ посочува дека речиси 80 милиони луѓе со дијабетес до 2030 година ќе примаат инсулин и дека побарувачката за лекот ќе се зголеми за 20 отсто. Но, околу половина од оние на кои им е потребен инсулин - претежно во Азија и во Африка - нема да можат да го добијат. Уште сега едно од две лица со дијабетес тип 2 нема пристап до инсулинот што му е неопходен.
- Пристапот е дефиниран како комбинација од достапност и пристапност. Покрај цената, тоа значи дека синџирот за снабдување мора да биде на место од кое лесно може да се ракува и безбедно да се дистрибуира изладениот лек, како и стерилните игли и шприцови, кои мора да одат со лекот - вели Санјај Басу од Универзитетот „Стенфорд“.
Зошто инсулинот, лек стар 97 години, кој е едно од првите „чуда од лекови“ на 20 век, со години останува скап?
Една од причините, според научниците, е тоа што три мултинационални компании (Ново Нордикс, Ели Лили и Санофи) контролираат 99 отсто од глобалниот пазар на инсулин, вреден околу 21 милијарда долари, односно 96 отсто кога станува збор за количината. Истите компании управуваат со целиот американски пазар.
И иако повеќето земји немаат наметнато давачки за инсулинот, за многумина лекот сè уште е скап - даноците, маржата и останатите трошоци за набавка ја зголемуваат цената и ја загрозуваат пристапноста.
Дури и во САД, каде што кај повеќе од 20 милиони луѓе е дијагностициран дијабетес, давачките за инсулинот се зголемени за 89 отсто меѓу 2000 и 2010 година. Тоа важи дури и за возрасните чие лекување е покриено со осигурувањето. Цената на лекот е зголемена од 40 на 130 долари за шишенце, а едно шишенце трае најмногу неколку недели.
Глобалната контрола на пазарот на инсулин, според Дејвид Херни Беран од Универзитетската клиника во Женева и Универзитетот во Женева, значи дека земјите имаат помал број доставувачи и помал избор и тој фактор резултирал со тоа што луѓето мора да го променат видот на инсулин кој го примаат затоа што нивните компании повлекле некои формулации од пазарот.
Фото: BBC
Неколку земји со ниски и средни приходи се особено ранливи кога станува збор за пречки во снабдувањето. Истражување за достапноста на инсулин покажа дека има мала испорака во шест земји: Бангладеш, Бразил, Малавија, Непал, Пакистан и Шри Ланка. Исто така, лошото управување и неефикасната дистрибуција можат да доведат до одредени нарушувања. На пример, во Мозамбик 77 отсто од вкупниот пазар на инсулин е во главниот град, што резултира со недостиг во останатите делови од земјата.
Зошто лекот, кој пред речиси сто години го откриле двајца научници од Универзитетот во Торонто, сè уште не е достапен како евтин генерички лек?
Интересен е фактот дека научниците го продале патентот на универзитетот за само еден долар.
Лековите што се многу барани обично стануваат попристапни по истекувањето на патентот, но тоа не се случило и со инсулинот. Според научниците Џереми Грин и Кевин Ригс, една од причините е тоа што инсулинот е посложен и потежок за копирање. И компаниите што произведуваат лекови не сметаат дека тоа „вреди“ да се прави. Биосимиларните инсулини, кои се слични на оригиналниот, исто така се достапни на пазарот по конкурентни цени, но не ја содржат генеричката верзија.
Научниците сметаат дека инсулинот треба да биде вклучен во пакетите за универзална здравствена заштита, а фондовите за дијабетес треба да одделуваат дел од средствата за иновации во лекувањето и во лекот.