X
 30.11.2022 Наука

Навестен пробив во лекувањето на Алцхајмеровата болест

По десетлетија неуспех, сега науката најавува нова ера во лекувањето на Алцхајмеровата болест – најчестиот облик на деменција. Се работи за експерименталниот лек „леканемаб“ (Lecanemab).

Лекот дејствува во раните фази на болеста. Самиот процес е насочен кон т.н. бета-амилоид – супстанција што се акумулира во мозокот на луѓето со оваа болест. Истражувачкиот институт „Алцхајмер’с ресрч УК“ наведува дека резултатите од истражувањето се значајни. Проф. Џон Харди, еден од водечките светски истражувачи кој стоеше зад целата замисла, смета дека ова е историско достигнување и дека е оптимист за лекувањето на оваа болест.

Професорката Тара Спајрс-Џонс од шкотскиот Универзитет во Единбург појасни дека резултатите се огромен успех во истражувањата за Алцхајмеровата болест. Испитувањата опфатиле 1.795 доброволци со рана фаза на болеста. Инфузии на „леканемаб“ им се давале на секои две недели. Резултатите, претставени на конференција во Сан Франциско и објавени во „Њу Ингланд журнал“, посочуваат дека тоа не е чудотворен лек, но е делотворен. Во истражувањето учествуваа многубројни институции.

Болеста продолжува да влијае врз капацитетот на мозокот на луѓето, но со забавен пад за една четвртина во текот на 18 месеци од третманот.

Дали „леканемаб“ навистина ќе ја промени ситуацијата со Алцхајмеровата болест? За ова има дебата меѓу научниците и лекарите.

- Тоа е мал ефект врз болеста. Не е драстичен, но е прифатлив за мене - вели проф. Спајрс-Џонс.

Податоците веќе се проценуваат од регулаторите во САД, кои наскоро ќе треба да одлучат дали „леканемаб“ може да биде одобрен за поширока употреба. Фармацевтските компании „Ејсаи“ и „Биоген“ планираат следната година да почнат со процесот на одобрување во други земји.

- Тоа е скромно, но ни дава надеж дека следната генерација лекови може да биде подобра - истакна д-р Сузан Колхас од Велика Британија.

Д-р Елизабет Култхард вели дека луѓето имаат просечно шест години независен живот штом почне тоа когнитивно оштетување.

- Забавете го тој пад за една четвртина и тоа засега може да значи дополнителни 19 месеци самостоен живот, но сѐ уште не знаеме точно - додаде Култхард.

Научниците, исто така, нагласија дека амилоидот е само еден дел од сложената слика на Алцхајмеровата болест и не треба да стане единствена точка на интерес на лекувањето.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука