Психологот Едита Петојевич пишува за психолошкиот товар што го имаат луѓето кога се селат во нова земја.
Во мојата практика главно гледам иселени лица и парови. Многу скоро по почнувањето на практиката забележав некакви врски меѓу иселениците и депресијата. Овие врски и шеми на однесување само се зајакнуваа во текот на мојата работа.
Селењето во Данска за студии или за работа често се поврзува со возбуда и авантура. Ретко се поврзува со болка и депресија. Барем не во првичната фаза, кога планирате да одите во еден од најсреќните градови во светот. Ова се очекувањата што многумина ги имаат: да живеат и да успеат во една од големите европски престолнини на светот.
Реалноста често е поинаква од она што било замислено. Земјата која била визуализирана како релаксирана, организирана и во која нема стрес, излегува дека е комплицирана и самата промена може да биде многу стресна.
Транзицијата носи многу пречки, вклучително и бирократијата, јазикот и социјалните знаци. Ова многу често го слушам од клиенти што првично биле оптимисти, но со текот на времето стануваат осамени во Данска.
Ајде прво да дефинираме што е депресија. Тоа е збор користен од многумина, но добро објаснет од малку луѓе.
Депресијата е болест поради која едно лице искусува загуба на интерес и задоволство во активностите. Депресивното лице често мое да се препознае преку натажените очи или паднати рамена. Депресијата е состојба во која лицето се чувствува поранливо на надворешните знаци и полесно е погодено од луѓето. Исто така, ова е состојба во која лицето се повлекува во своите мисли и чувства и има помала желба за мешање со други луѓе. Ова е проблем со менталното здравје и често се поврзува со некаква форма на загуба во животот.
Кога едно лице ќе се одлучи да се пресели во Данска, тоа значи дека го напушта познатото за да влезе во нов свет каде што има многу непознати нешта. Ова бара од него да ги напушти домот и безбедната зона и да почне од почеток. Создавањето чувство на дом бара време.
Времето за релокација и транзиција често е извор на анксиозност кај многу иселеници. Недостигот на социјална мрежа прави многу од нив да се чувствуваат осамени и изолирани во целосно нова странска земја.
Загубата на познатиот свет заедно со чувството дека сѐ е ново често е стресно. Иселениците минуваат низ многу загуби кога се селат во Данска и ова ги прави склони кон депресија.
Сѐ е ново. Нова работа, нови колеги, учење нов јазик додека отворате нова сметка во банка, учење нов социјален систем, купување нов мебел и обид за слетување, како физички така и ментално, во една нова земја.
Чувството дека не припаѓате некаде често се генерира преку дневни настани на работа, како кога сите зборуваат дански на ручекот или на состанокот и заборават да преведат.
Или во моментите кога Данците кажуваат типична данска шега, зборуваат за данските традиции или планираат како ќе го поминат празникот со нивните пријатели и фамилијата. Моите клиенти од други земји ми кажувале како се грчат во овие моменти кога се чувствуваат осамени. Тие копнеат по попознат амбиент, каде што се чувствуваат видени, слушнати и разбрани.
Во првите месеци во Данска иселениците искусуваат голем стрес бидејќи мора да направат сѐ на нивната листа со задачи. Многумина велат дека немаат време емотивно да ја процесираат транзицијата што им се случува.
Овие првични стресови заедно со недостигот на емотивна поддршка често ги исцрпува доселениците уште на почетокот. Дополнително на физичката исцрпеност од трчање наоколу за да ги средат нештата тие искусуваат ментално исцрпување поради тоа што се на готовс и се обидуваат да се справат со сите промени.
Додека сакаат да излезат и да стекнат нови пријатели, многумина се исцрпени од првичните барања и од размислувањето за секој чекор. Тоа генерира чувство на заглавеност во место без да се знае како да се продолжи напред. Кога ќе се остави да расте, тоа се претвора во чувство на беспомошност, па иселениците почнуваат да се запрашуваат за селењето во Данска.
Оваа социјална изолација често почнува со негативно мислење и потоа расте во поголеми когнитивни замки. Она што почнува како негативна мисла има тенденција да стане реалност за многумина, ако се остави неоспорена.
Она што го мислиме станува наша реалност кога ќе си ги потврдиме мислите преку нашето однесување - со други зборови, нашите грижи стануваат самоисполнувачко пророштво.
Депресијата му пречи на начинот на кој размислуваме, чувствуваме и дејствуваме. Прави да изгубиме интерес и енергија да учествуваме и да се вклучуваме во животните активности. Лицето што е депресивно гледа на работите низ негативни леќи и себеси се оценува како помалку вреден. Некои од честите симптоми се тешкотии при спиењето или, пак, претерано спиење, негативни мисли, голема чувствителност, отапување на емоциите и тешкотии во вклучувањето во животот.
Еден од моите клиенти-доселеници ова го опиша многу пластично: „Можев да видам како животот се случува околу мене и се чувствував како животот да ме одминува. Сакав, но не можев да учествувам. Се чувствував заглавен и не можев да се мешам со другите. Сакав некој да ја види мојата болка и истовремено сѐ што сакав беше да се скријам од сите и да си бидам тоа што сум.“
Во текот на мојата работа со неколку иселеници видов јасна врска меѓу тоа да се биде иселеник и да се биде депресивен. Главните причини за депресија кај иселеник често вклучуваат стрес, социјална изолација, чувство на неприпаѓање и когнитивни стапици. Има и чувство на загуба на идентитетот, загуба на безбедноста, загуба на припадноста и често загуба на целта.
Имајќи ги предвид сите наведени примери, дали можете да ја видите врската меѓу животот на иселеник и депресијата? Убаво разгледувајќи ги причините, може да се види некаква форма на загуба во сите нив.
Слушам како многу иселеници зборуваат дека сакаат да стекнат пријатели и да го научат јазикот, но чувствуваат дека немаат енергија или волја да продолжат да се обидуваат. Неуспешните обиди да допрат до Данците или да научат дански често прават многу лица да бидат разочарани и уморни. И така, тие се враќаат на она што го знаат или копнеат по она што го оставиле.
Што може да направи едно лице за да почувствува олеснување и да почне да се чувствува подобро?
Првиот чекор е да се стане свесен за она што се случува и да се прифати депресијата каква што е. Прифаќањето на болеста ќе ви помогне да ги спроведете докрај сите неопходни чекори и одлуки.
Следно би било да размислите што моментално ви фали во животот. Од каде потекнува тоа чувство на загуба?
Запишете ја секоја област во која би сакале да си го подобрите животот во една колона, а потоа запишете ги сите неопходни чекори за да стигнете до тоа во друга колона.
Запомнете дека депресијата води до тешкотии во започнувањето и тешкотии во останувањето вклучен. Ако чувствувате дека ова не можете да го направите сами, не плашете се да побарате помош. Професионалниот водич често носи големо олеснување и ви помага да ги видите нештата од нова, поздрава перспектива.
Рим не бил изграден за еден ден, а ниту вашата социјална мрежа и живот како иселеник во Данска нема да се изградат за еден ден. Како што често им велам на моите клиенти, бидете љубезни со себеси и почнете да правите бебешки чекори
нанапред.