X
 11.05.2021 Здравје

Постковид-синдром: Кога вашиот омилен парфем почнува да ви мириса лошо

На почеток не забележала ништо. Но, по неколку дена Белгијката Ана-Софи Лоеркин помислила дека нешто страшно недостига во нејзиниот живот.

Утринското кафе го немало карактеристичниот мирис, сапунот не мирисал на лаванда и роза, а босилекот во фрижидерот веќе го немал тој свеж мирис.

Кога Лоеркин во октомври 2020 година била позитивна на ковид-19, нонстоп била уморна. И одеднаш не можела да почувствува никаков мирис.

- Понекогаш мислам дека сум во некој вид депресија - вели таа, по речиси половина година откако го прележала вирусот.

По некое време повторно почнала да чувствува мирис, но некако „искривено“. Стручниот термин за тоа е паросмија. Се разликува од аносмија, што е израз за целосно губење на сетилото за мирис.

Кога вашиот парфем одеднаш почнува да ви мириса лошо

Ана-Софи Лоеркин ги забранила сите мириси што претходно ги обожавала: парфемот на нејзиното момче, парфимираниот црвен кармин, миризливите свеќи, но и сопствената колекција парфеми. Овие мириси едноставно почнале да ѝ смрдат.

Иако истражувањата доаѓаат до различни резултати кога станува збор за процентот на засегнати, нарушувањата на сетилото за мирис сè уште се едни од најчестите последици од ковид-19. Научниците не знаат точно што доведува до тоа.

miris
Фото: Freepik

Каролин Уар, специјалист за уво, нос и грло на Универзитетската клиника „Сент-Лук“ во Брисел, ја лекувала Ана-Софи Лоеркин и таа споменува две можни причини.

- Некои истражувања покажуваат дека вирусот влијание врз клетките што ги обвиваат мирисните нерви (нервите кои ги регистрираат мирисите) во носот. Другата хипотеза е дека вирусот директно ги напаѓа олфакторните нерви. САРС-КоВ-2 директно продира во таканаречениот „Blubus olfactorius“, медијаторот помеѓу носот и мозокот - вели таа.

Кога не чувствуваш мириси што ти даваат чувство дека си жив


Жан-Мишел Мајар одлично ги сфаќа луѓето како Ана-Софи Леркин. Откако пред повеќе од 5 години паднал на чело, овој Французин целосно го изгубил сетилото за мирис. Како што вели, најмногу му недостига мирисот на синот и на сопругата.

- Сите оние мириси поради кои чувствувате дека сте живи. И сите спомени поврзани со одредени мириси: мирисите на просторијата во која переше мојата баба. Мирисот на основното училиште. Мирисот на мојот татко. Сè ми е како „отсечено“ - вели тој.

Пред несреќата бил лут бидејќи никој не можел да му помогне, иако посетил многу лекари. Но, еден момент гневот и тагата се претвориле во идеја. Случајно наишол на истражувачи во Германија и Франција кои му дале надеж. Станува збор за тренинг за мирис со концентрати на мирисот.

Така, Мајар почнал да го тренира носот. Печени зрна кафе, рози, лимон, евкалиптус. Во меѓувреме, наутро може малку да помириса благи мириси, кога на пример го пие првото утринско кафе. Но, јасно му е дека и покрај тренингот, ќе чувствува само мал дел од она што можат да го почувствуваат здравите луѓе.

Има надеж

И покрај тоа, тој пред три години го основа здружението „Anasomie.org“ кое сака да им помогне на другите и да им покаже колку е важно и убаво да се има неоштетено чувство за мирис.

- Многумина го откриваат тоа откако ќе го изгубат - вели Мајар.

Иако Мајар се надева дека наскоро пандемијата ќе заврши, тој гледа ново внимание насочено кон чувството за мирис и вкус, како чиста среќа за него и другите погодени. Пред пандемијата никој не беше многу заинтересиран за неговиот проблем, ниту пак бил сериозно сфатен.

Сега, повеќе од една година тој седи пред компјутер и одржува видеоконференции на оваа тема, лобирајќи и обидувајќи се да ги охрабри луѓето што одеднаш го изгубиле чувството за мирис поради ковид-19 да тренираат и да вежбаат да мирисаат.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје