Легендарниот југословенски автомобилски бренд „југо“ повторно се враќа на пазарот, по речиси две децении од стопирањето на производството.
По минатогодишното претставување на новиот дизајн во Минхен, новиот сопственик на брендот, Александар Бјелиќ, откри дополнителни детали на автомобилската конференција „СЕЕ Аутомотив“ во Белград.
Според медиуми од Германија, Австрија и Србија, новото „југо“ ќе биде достапен автомобил со хибриден погон.
Предвидената цена на автомобилот ќе изнесува околу 12.000 евра, со што би можел да стане еден од најевтините нови автомобили во Европа.
Потрошувачка од само 2,2 литри на 100 километри
Новото „југо“ ќе користи хибриден систем со технологија „рејнџ екстендер“, односно моторот со внатрешно согорување главно ќе служи како генератор за производство на електрична енергија.
Тоа значи дека автомобилот нема да зависи од инфраструктура за полнење и нема да има надворешен кабел за полнење. Според најавите, потрошувачката на гориво во идеални услови ќе изнесува само 2,2 литри на 100 километри, а цената на автомобилот ќе биде 12.000 евра.
Дизајнот останува ист како концептот претставен пред неколку месеци во Минхен, а зад него стои дизајнерот Дарко Марчета.
Првиот прототип на новото „југо“ треба да биде претставен на „Експо 2027“, чиј домаќин ќе биде Белград.
Сè уште не е познато каде ќе се одвива производството. Поранешната фабрика „Застава“ во Крагуевац денес е во сопственост на „Стелантис“.
Извор:
n1info.hr
Фото: Screenshot/YouTube