X
 27.06.2018 Економија

Професија со која се занимаваат милиони луѓе наскоро ќе исчезне

Светот наскоро би можел да остане без уште една професија со која се занимаваат милиони луѓе, професија која во медиумите веќе се нарекува загрозена. Имено, во догледна иднина касиерите ќе исчезнат. Падот почна кога во супермаркетите се појавија првите експрес-каси, но тие беа наменети главно за купувачите со помалку артикли.

Зоните без касиери веќе се појавија во голем број големи бизниси, како „Амазон“, кој го тестираше „Амазон Гоу“ концептот, каде што ништо не се скенира, ниту пак се стои на каса, туку дуќанот сам си наплаќа. Првите вакви продавници наскоро ќе бидат отворени во Чикаго.

И традиционалните бизниси размислуваат за исфрлање на касите, иако се далеку од тестирање, а „Мајкрософт“ работи на софтвер кој би им овозможил на трговците полесно да станат зона ослободена од каси. „Валмарт“ отвори мала продавница во Далас, каде што купувачите со своите мобилни телефони ги скенираат производите и на излез само ја прикажуваат е-сметката. Плаќањето се врши преку апликација.

Ако ги отпуштат касиерите, трговците ќе имаат значително помали трошоци за работна сила или можат да ги прераспоредат на нови работни места. Во Америка околу 3,5 милиони лица работат на каса.

Со оглед на тоа дека состојбата во трговските синџири не е баш сјајна, веќе подолго време е тешко да се најдат добри работници, а тие бараат и поголема плата. Така, се очекува трговците да дадат сѐ од себе за технологијата на автоматските каси да биде усовршена што е можно поскоро. Кога технологијата ќе им стане позната на купувачите, најверојатно и другите трговци многу брзо ќе ја постават и кај нив, слично како кога „Старбакс“ воведе нарачување и плаќање преку апликација.

Касиерите веројатно нема да исчезнат од сите бизниси, но нивниот број значително ќе се намали. Предностите од преминувањето на дигитални решенија се преголеми, а луѓето можат да се прераспоредат на други работни места.

Кај нас технологијата на автоматски каси не е ни на почетокот. На Балканот, пак, се појавија некои вакви иновации, но тие се многу ретки.

На четири автоматски каси внимава една касиерка, што значи дека потребата за физичка работна сила е намалена за 75 отсто.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија