Патувањето се враќа во нормала со намалувањето на случаите на заразени со коронавирусот и вакцинирањето низ целиот свет. Повеќето експерти се согласуваат дека ризикот за зараза со коронавирусот во авион е релативно низок поради системите за филтрирање на воздухот, како и мерките за санитација и задолжителните маски.
Сепак, ризик постои, и тоа не само во авионот, туку и на аеродромот. За да го намалите ризикот да го поминете одморот болни, внимавајте на следниве места на аеродромите доколку наскоро патувате со авион.
Потпирачи за раце
Клупите и столиците на аеродромите се едни од највалканите места на аеродромот бидејќи се користат од многу луѓе. Затоа, потпирачите за раце на местата за седење може да бидат мали центри за ширење на зарази. Затоа, избришете ги пред да седнете или почекајте го авионот стоејќи. Не седнувајте на подовите, тие се исто валкани.
Огради
Оградите покрај скалите често се користат од страна на патниците, па затоа тие се едни од највалканите места на аеродромот. Доколку мора да ги користите, направете дезинфекција на рацете веднаш по користењето.
Фото: Pixabay
Екрани на допир
Експертите велат дека екраните на допир се едни од местата со најмногу бактерии. Патниците треба да ги измијат или дезинфицираат рацете по нивно користење, иако многу аеродроми почесто ги чистат овие екрани за време на пандемијата.
Корпи за отпад
Пластичните корпи за отпад се полни со бактерии и вируси, покажува анализа спроведена на аеродромот во Хелсинки. Некои аеродроми воведуваат технологија за побезбедно користење на корпите за отпад, но на повеќето аеродроми тие треба да се користат внимателно.
Фонтани за вода
Истражување покажало дека копчињата за пуштање вода во фонтаните имаат најмногу бактерии од било кое друго место на аеродромот. Поради пандемијата, многу аеродроми ги отстраниле овие фонтани, но доколку најдете некоја, размислете двапати пред да ја користите.
Фото: Pixabay
Површини во тоалет
Луѓето се внимателни кога користат јавни тоалети, а тоа не е исклучок и за аеродромите. На овие места има многу патници, а тоа значи дека тоалетите ги посетуваат повеќе луѓе од другите јавни тоалети. Тоалетите на аеродромите редовно се чистат, но тоа може да не биде доволно.
Секаде каде има многу луѓе
Како генерално правило, одбегнувајте места на кои има многу луѓе за да си го заштитите здравјето. Бактерите се шират преку заразени површини, но и преку контакт со други лица, па затоа е најдобро да се одбегнува близок контакт со други патници. Експертите препорачуваат патување со средства или марамчиња за дезинфекција и редовно миење на рацете, особено пред јадењето.
Извор:
Huff Post