Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, можеби е најбогатиот човек во светот, со нето-вредност од околу 112 милијарди долари, меѓутоа, неговите работници што работат во магацините се очигледно очајни да ги задржат своите работни места, па не прават ни пауза за да одат во тоалет.
Авторот Џејмс Бладворт отишол на тајна задача во магацините на „Амазон“ во Стафордшир, Велика Британија, за книга за ниските плати во Британија. Тој открил дека работниците што ги собираат производите за испорака имале „шише за тоалет“ бидејќи тоалетите биле многу далеку.
- За оние што работеа на горниот кат, немаше тоалети блиску. Затоа работниците се одлучија за „шише за тоалет“, бидејќи се плашеа да не добијат дисциплинска мерка поради ’неактивното време‘ и на тој начин да ги изгубат работните места - пишува Џејмс Бладворт.
Познато е дека „Амазон“ следи за колку време работниците во магацините можат да ги спакуваат предметите од полиците, наметнувајќи строго темпирани паузи и таргети, издавајќи предупредувачки поени за оние што не ги исполнуваат своите цели или земаат продолжени паузи.
Одделно истражување покажа дека речиси три четвртини од вработените во британскиот центар на „Амазон“ се плашат да го искористат тоалетот поради губење на времето. Во извештајот објавен во понеделникот биле анкетирани 241 вработен во магацините на „Амазон“. Истражувањето анонимно цитирало една личност како вели дека таргетите драматично се зголемиле, како и тоа дека работниците немаат време да одат во тоалет.
- Таргетите растат секоја година. Немам плус две нозе за да ја постигнам целта, ниту пак за да одам во тоалет. Пакувањето 120 производи на час е ужасно тешко - вели друг вработен.
- Мора да спакувате два производи за минута. Немате време да пиете вода затоа што ако пиете, ќе ви се оди во тоалет, а скенерот ќе испраќа пораки што велат дека треба да побрзате - вели анонимен работник.
Истражувањето спроведено од платформата „Органајз“ исто така открило дека испитаниците се чувствувале многу повознемирени откако се приклучиле на „Амазон“.
- Се појавив за време на мојата смена иако се чувствував лошо. Работев 2 часа, и повеќе не можев. Му кажав на мојот претпоставен дека ми е лошо, па тој запиша дека сум болен. Имав стомачен вирус, па го посетив докторот. Иако добив белешка за боледување, сепак добив дисциплинска мерка - вели анонимен вработен.
„Амазон“ ги оспорува обвинувањата.
- Обезбедуваме сигурна и безбедна работна средина за илјадници луѓе низ Велика Британија со конкурентни плати и придобивки уште од првиот ден. Не добивме потврда дека луѓето што ја направиле анкетата работеле во „Амазон“ и не ги признаваме изјавите како точно портретирање на нашите активности во зградите.
Се фокусираме на обезбедување одлично опкружување за сите наши вработени, а минатиот месец „Амазон“ беше прогласена за 7. најбарано место за работа во Велика Британија и прво место во Америка, од „Линкдин“. Исто така, „Амазон“ нуди и јавни тури низ центрите, така што клиентите можат од прва рака да видат што се случува откако ќе кликнат на купи“.
- Од „Амазон“ изјавија дека не им го мерат времето поминато во тоалет на
работниците и ги поставуваат таргетите врз основа на претходните резултати на работниците.