X
 03.02.2019 Живот

Од Илон Маск до Џеф Безос, ова се домовите и имотите на најбогатите луѓе во светот на технологијата

Речиси една петтина од 100. најбогати милијардери во светот се збогатиле работејќи во полето на технологијата. И иако некои од нивните успешни приказни започнуваат скромно (и најверојатно во гаража), многу технолошки могули трошат милиони на имот.

На пример, основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, живеат на оддалеченост помала од една милја во Медина, Вашингтон, и се сопственици на два од најскапите имоти во земјата. Лос Анџелес исто така е уште едно популарно место за технолошките могули. Но, да погледнеме какви се домовите на некои од најбогатите луѓе во светот што ѝ припаѓаат на елитата на технолошката индустрија.

Фото: Business Insider

Ова е портата пред резиденцијата на Џеф Безос во Сиетл. Напред нема што многу да се види.

Безос и неговата фамилија, која е најбогата во светот, живеат во малиот град Медина во американската сојузна држава Вашингтон.

Во 1998 година Безос плати 10 милиони долари за имотот, кој се протега на 5,3 акри и вклучува куќа со површина од 2.400 квадратни метри и уште една помошна куќа со површина од 740 квадратни метри.

Фото: Business Insider

Имотот беше реновиран во 2010 година, а беа потрошени 28 милиони долари, кога Безос ја купи и соседната куќа со површина од 2.200 квадратни метри. Имаше шпекулации дека куќата била продадена за најмалку 53 милиони долари.

Овој имот е голема промена за газдата на „Амазон“ за разлика од местото на кое ја основал компанијата: во гаражата во неговиот дом во Белвју, Вашингтон, во близина на Сиетл. Ова е фотографија од стариот дом на Безос направена во 2013 година.

Фото: Business Insider

Но, домот во Медина не е единствениот имот што Безос го поседува бидејќи, нормално, тој е најбогатиот човек на светот. Безос има имоти во Беверли Хилс, Калифорнија; има ранч во Ван Хорн, Тексас; поранешен музеј за текстил во Вашингтон и три стана во историска зграда на Менхетн, Њујорк, со поглед кон паркот.

Ова е резиденцијата на Безос во шпански стил на Беверли Хилс, што ја купи во 2007 година за 24,45 милиони долари.

Фото: Business Insider

Куќата има седум спални, седум бањи, огромен базен, четири фонтани, гаража за шест автомобили и многу други работи.

Но, Безос не запре тука. Десет години подоцна тој купи соседна поскромна куќа со четири спални за 12,9 милиони долари.

Фото: Business Insider

Бил Гејтс живее на околу половина милја погоре од Безос во Медина. Имотот на Гејтс во Медина вреди 127 милиони долари. Куќата има површина од повеќе од 6.100 квадратни метри и има седум спални и 18 3/4 бањи (три-четвртинските бањи имаат мијалник, тоалет и туш, додека целосните имаат када, мијалник и тоалет).

Фото: Business Insider

Гејтс го купил овој имот уште во 1988 година за 2 милиона долари.

Куќата на Гејтс има гаража за 23 возила, шест кујни, 24 бањи и сала за прием која може да собере 200 гости.

Фото: Business Insider

Домот на Гејтс бил изграден со дугласови дрва стари 500 години и на изградбата работеле 300 луѓе, од кои 100 биле електричари. Изградбата чинела повеќе од 60 милиони долари и биле потребни четири години за да се заврши.

Исто така, од куќата има спектакуларен поглед на езерото Вашингтон.

Фото: Business Insider

Домот е опремен и со домашен театар, соба со трамбулина, библиотека и базен со сопствен подводен музички систем.

Извршниот директор на „Твитер“ и „Сквер“, Џек Дорси, го купи својот дом во Сан Франциско за 9,9 милиони долари во 2012 година. Домот со површина од 340 квадратни метри има непопречен поглед кон мостот Голден Гејт.

Фото: Business Insider

Куќата има две спални и две бањи, а се проценува дека вреди 12 милиони долари.

Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, живее скромно. Тој во 2010 година си купи куќа голема околу 220 квадратни метри во Пало Алто, Калифорнија, за помалку од 2 милиона долари.

Фото: Business Insider

-Сакам да се потсетувам од каде сум дојден, а скромните опкружувања ми помагаат во тоа. Парите не ми се мотиватор - истакна Кук во една пригода.

И основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, има куќа во Пало Алто. Наводно тој во 2011 година го купил домот со површина од околу 520 квадратни метри за 7 милиони долари.

Фото: Business Insider

Марк потрошил дополнителни 45 милиони долари на четирите куќи и земјиштето одоколу, кои ги купил за приватност.

Фото: Business Insider

Закерберг купи и имот голем 750 акри на северниот брег од хавајскиот остров Кауај, а во имотот е вклучена и плажа со бел песок долга 762 метри.

Фото: Business Insider

Наводно тој за двата имота платил 100 милиони долари, иако американските медиуми известуваа дека планира да изгради само една куќа.

Основачот на „Тесла“, Илон Маск, платил 17 милиони долари за неговата куќа на земјиште големо 1,66 акри во луксузната населба во Лос Анџелес, Бел Ер.

Фото: Business Insider

Куќата има површина од околу 1.881 квадратен метар.

Резиденцијата е поделена на четири крила. Има седум спални, девет бањи, вежбалница, базен, тениско игралиште...

Фото: Business Insider

Маск и неговите пет сина наводно живееле во куќата пет години пред да ја купи.

Тој во 2013 година купи и ранч во близина на куќата за околу 7 милиони долари.

Тука можете да ѕирнете во имотот на Маск.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот