X
 27.06.2024 Наша тема

Интервју со Панде Ефтимов, активист: „Со ентузијазмот на младите, младинското учество е катализатор за ткаење единство во општеството“

„Моето име е Панде, ме дели само една буква од панда - на овој начин најлесно ќе ме запаметите“, вели во интервјуто за „Факултети.мк“ Панде Ефтимов, член на Управниот одбор на Националниот младински совет и програмски координатор на програмата „Младински активизам“.

Различни луѓе различно го перципираат и согледуваат неговиот карактер, а тој за себе би рекол дека е склоп на сите тие перцепции: активист, едукатор, уметник, басист.
Кога би се обидел да го опише неговото секојдневие по толку години активизам, несомнено би рекол дека сè уште љубопитно и неуморно бара начини за подобрување на образованието, инклузијата, културата и уметноста во нашата, според Панде, чудна и необична држава.

Кога одлучи да станеш младински активист, што беше тригерот за тој младински револт?


- Првиот порив за активизам ми се јави во средно училиште. Учев во гимназијата „Георги Димитров“. На крајот од втора година требаше да одбираме на која насока ќе продолжиме да учиме и по кој план за спроведување на стандардизираните курикулуми. Во тој момент во моето училиште немаше услови за формирање група за насоката јазично-уметничко Б, која мене видно ме привлекуваше. Па, поучен од механизмите на активизмот и неформалното образование - иницирав потпишување петиција помеѓу врсниците, лобирав и застапував пред училишната управа и органите на Министерството за образование за формирање на насоката во моето училиште. Од оваа почетна точка, развојот на мојата желба и дејствување ме носеа кон континуирано, активно и гласно учество на најразлични протести, демонстрации и кревање на гласот на средношколците. Сиот овој пат ме обликуваше во млад човек кој постојано бара начини на унапредување на младинскиот активизам во државата.



Што е потребно за да се биде гласен активист во земјава, во која институциите се глуви?

- Големиот број различни политички чинители создаваат преклопување кај релевантните институции кои имаат капацитети да дејствуваат за квалитетна имплементација на сите закони, подзаконски акти и меѓународни документи. Згора на тоа, во човечките и финансиските капацитети постои „дупка“ која континуирано пробуваат да ја „пополнат“ владините институции и граѓанскиот сектор.
Младите треба да се охрабрат да размислуваат критички. Според сите последни анализи и мини-истражувања од Младинскиот образовен форум (МОФ), живееме во општество каде што младите сакаат да избегаат од државата. Општество каде што младите не учествуваат активно во процесите на носење одлуки, каде што младите не се интересираат доволно и сакаат лидер со цврста рака. Од друга страна, имаме институции кои се нефункционални и без кредибилитет. Институции кои не се интересираат за практичните секојдневни потреби на граѓаните, туку исклучиво за политичка моќ и сопствени интереси. Сето тоа треба да го промениме и индивидуално да влијаеме и да придонесуваме кон поконструктивно, поконцизно градење еднакви можности за сите.

Дали активистот треба да го изрази на дело она што го мисли?


- Активистите имаат свое мислење и треба јавно да го застапуваат тоа мислење. Сите ние имаме општествена одговорност. Имаме право да изразиме незадоволство кон дејствувањето и работата на институциите, особено во однос на политиките кои нас, младите, директно нè засегаат. Ваквото незадоволство е неопходно да се изрази во дела за да се издејствуваат некакви промени. Активен сум бидејќи верувам дека нашиот глас ќе биде чуен, оттаму ќе следуваат и потребните промени. Сметам и се надевам дека секој активист дејствува во оваа насока.

Од каде идеите за герила-акциите низ Скопје и во другите градови?


- Идејата за герила-акциите доаѓа од бурното секојдневие преплавено со предизвици. Мојот драјв се проблемите, а во Македонија ги има многу. За време на моето образование, преку учеството во проекти, активности од различни организации, грасрут-иницијативи, неформални уметнички друштва, имав можност да се запознам со методологијата, да научам за алатките на креативниот активизам, да зборувам за уметност и култура и да истражам техники за препознавање на бариерите и предизвиците во општеството. Дополнително, преку обуки, настани, семинари, интерактивни работилници и групна работа, научив нови и важни техники за успешно унапредување на моите активистички компетенции.



Кој е поактивен во активизмот, средношколците или студентите? По толку години активизам во Македонија, почнаа ли младите да ги берат плодовите од таа борба или повторно пречки се институциите?

- Треба да продолжиме да промовираме критичко размислување. Но, ни треба конструктивност - понуда на конкретни решенија. Мора да бидеме реални. Мораме да бидеме во реалноста која ја живее младиот човек. Но, да бидеме и во реалноста на граѓанскиот сектор, реалноста на државниот сектор и кохезија со бизнис-заедницата.

Заедно со колеги изработивте Прирачник за млади активисти кој требаше да ги охрабри младите да размислуваат „надвор од кутијата“. Се охрабрија ли младите?


- Во моментов прирачникот се користи во десетте клуба за младински активизам на МОФ. Клубовите имаат неделни средби во локалните центри на МОФ кои се наоѓаат во градовите Гостивар, Велес, Струга, Охрид, Ростуше, Теарце, Чаир, Кисела вода, Струмица и Делчево. Би ја искористил оваа пригода да ги повикам сите средношколци и студенти што ги интересира како да направат промена, да се приклучат и да ги дознаат сите креативни алатки за искажување на нивните ставови, мислења, интереси, барања и идеи. Кул предавачи ќе им пренесат знаења за тоа како да ги изградиш твоите капацитети, да стекнеш нови знаења и вештини за промени во средината во која живееш. Но, најважно - ќе имаат можност да создадат нов круг на пријатели и да учествуваат во креативни локални акции за промени во заедницата.



Дали сега, со развојот на социјалните мрежи, младите се помотивирани да променат нешто во локалната заедница?

- Развојот на социјалните мрежи го промени начинот на кој младите се информираат и се поврзуваат со нивните локални заедници и добиваат сеопфатни сознанија за пошироките општествени прашања. Едно од најзначајните влијанија на социјалните медиуми е нивната способност да го олесни брзото ширење на информациите и повиците за акција. Преку најкористените социјални платформи, младите активисти денес можат побрзо да ја подигнат свеста за локалните и национални прашања, поттикнувајќи го впечатокот на итност за промени. Покрај тоа, социјалните мрежи понекогаш служат како платформа каде што истомислениците можат да се поврзат, да соработуваат и да се организираат. Не занемарувајќи ги големите предизвици и опасности што ги носи дигитализацијата, социјалните медиуми нудат простор за поттик на колективното дејствување и солидарност. Со правилно искористување на моќта на овие алатки, младите можат да се охрабрат активно да ги адресираат итните прашања и да креираат позитивна општествена трансформација.

Учествуваше во проект во кој со МОФ ги застапуваше лицата со оштетен слух, бришеше навредливи графити, собираше отпад од Вардар и се бореше за животната средина. Имаш некој драг проект кој имал силен ефект?

- Активно се залагам за лицата со посебни образовни потреби. Веќе неколку години работам на подобрување и решавање на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат овие млади луѓе. Многу е важно лицата со оневозможености да се чувствуваат еднакво во секојдневното живеење и дејствување.



Дали наиде на проблеми од средината кога се вклучи во младинскиот активизам?

- Патот на младинскиот активизам честопати знае да наиде на предизвици, особено од страна на институциите. Кога младите се соочуваат со локални проблеми и се обидуваат да издејствуваат некакви промени, често наидуваат на институционални бариери и нереспонзивност/недоволна респонзивност од страна на надлежните органи. Оваа пречка ја отежнува секоја борба на младите активисти, што уште повеќе ја нагласува потребата од препознавање и зајакнување на гласот на младите во обликувањето на актуелните политики.

Може ли со младинското учество во процесот на одлуки да се зближат различностите и колку младите придонесуваат да има конструктивни наративи во општеството?


- Апсолутно, младинското учество и активизам се моќни алатки за премостување на општествените поделби, без разлика на социјалната, родовата или етничката припадност. Во нашиот меѓусебно поврзан свет, каде што коегзистираме во заеднички простори - паркови, училишта, факултети - сите се соочуваме и се бориме против истите проблеми. Младинскиот активизам тука служи како алатка или еден вид собирна точка за поттик на меѓусебното разбирање и соработка за исти цели. Кога гласот на младите е здружен на креативен и влијателен начин, тие бариери сѐ повеќе избледуваат и она што доаѓа до израз се конструктивните наративи и дијалози кои водат кон значајни промени. Искористувајќи ги енергијата и ентузијазмот на младите, младинското учество е катализатор за ткаење единство во општеството. Со колективно адресирање на итните прашања, градиме колективна борба која поттикнува инклузивни решенија за сите членови на општеството.Покрај тоа, младинскиот активизам носи свежи перспективи во општествениот дискурс, предизвикувајќи ги застарените наративи и бранејќи прогресивни идеали. Преку активизам и застапување, младите не само што се справуваат со непосредните предизвици, туку и го обликуваат наративот на нашата заедничка иднина кон поправедно, инклузивно и хармонично општество. Во суштина, колаборативниот дух на младинскиот активизам нè обединува во дејствувањето кон заедничките цели и негува култура на емпатија и разбирање. Додека работиме рака под рака за да се справиме со предизвиците, ние не само што ги уриваме бариерите туку и конструираме наратив за солидарност и напредок што ги надминува границите на полот, социјалната, етничката припадност или јазикот. Заедно ги решаваме проблемите и ја зајакнуваме самата структура на нашето општество.

Фотографија: Иван Наунов

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема