X
 11.08.2021 Наша тема

Милан Мијалковиќ, наш архитект и уметник во Виена: Целта е да се дојде до вистинското решение, понекогаш дури и да се убеди инвеститорот воопшто да не гради

Архитектонското решение „Музеј Мацура“ на македонскиот архитект и уметник Милан Мијалковиќ деновиве ја доби престижната меѓународна награда за архитектура BigSEE Award, последно во низата признанија за неговите инвентивни проекти, забележани од светската архитектонска јавност.

Мијалковиќ првите 18 години од својот живот ги поминал во Скопје, а нешто повеќе од тоа живее и работи во престолнината на Австрија. Нераскинливата врска со својот роден град ја покажа со проектот и книгата „Пре-фабрикати – растечките куќи на Скопје“ што го разоткрива основното ткиво на градот на солидарноста – скопските бараки. Книгата и проектот беа претставени во Музејот на современата уметност во Скопје како коавторски проект заедно со Катарина Урбанек, архитектка од Австрија, која има сопствено архитектонско студио и работи на Архитектонскиот факултет во Виена. Таа се појави и на „Архдејли“, најпосетуваниот и најпрестижен светски портал за архитектура, а ја доби и големата светска награда „А+“. Мијалковиќ во 2013 година е добитник на наградата што ја доделува виенското списание за архитектура и урбанизам „Стар хјуман“. Познат ѝ е на нашата јавност и по книгата со контроверзен наслов „Скопје светското копиле. Архитектурата на поделениот град“, што ја објави австриската издавачка куќа „Визер ферлаг“, а потоа беше преведена и на македонски и на албански јазик.

Тој е и автор на фасадата на катната гаража меѓу улицата „Св. Кирил и Методиј“ и булеварот „Македонија“ во Скопје, која со својот необичен модерен изглед, кога пред неколку години беше изградена среде скопското барокно лудило, го предизвика вниманието на јавноста.



Вашиот проект „Музеј Мацура“ доби голема награда заархитектура. За какво признание се работи, кој го доделува?

- BigSEE Award е словенечка платформа под чадорот на независната, безпрофитна организација „Завод Биг“. СЕЕ го означува регионот кој е во фокусот т.е. 21 земја од Југоисточна Европа. Од 2018 година се доделуваат награди во шест категории од архитектура, преку дизајн за продукт, па сè до мода. А признание како признание е некој вид доказ дека створеното допрело до некого, дека некој вреднува...

Наградениот објект се наоѓа во Стари Бановци, близу Белград. Кажете ни нешто повеќе за проектот, идејата, пораката што ја носи?

- Проектот е надградба на постоечки историски објект. Лоциран на самиот Дунав, во стариот дел на Бановци, на само 25 км од Белград. Постоечкиот објект е стара плевна од времето на Австро-Унгарија. Плевната се користела првично за чување на жито, потоа брашно и до неодамна за леб. Истата е конструирана од едноставна дрвена конструкција, со видливи спојки, во комбинација со ѕидови од тула и дасчан под. Задачата за новата екстензија на објектот, бараше зачувување на постоечките квалитети на просторот и секако вдомување на дел од најголемата приватна колекција на модерната и современата уметност во Источна Европа. Колекцијата на Владимир Мацура ја сочинуваат некои од најдобрите примери на раниот 20 век, од движењата зенитизам, дадаизам, надреализам, виенски акционизам и многу други. Постоечката плевна требаше да се прошири и осовремени и да се создаде дополнителен простор за уметници, глумци и филмаџии, за резиденс програми. Да се создаде место на социјализација и споделено искуство.



Дали преферирате ре-употреба на веќе постоечки објекти (интервенции) или изградба на комплетно нови објекти?

- Целта е секогаш да се дојде до вистинското решение во зависност од многу и секогаш поинакви фактори. Понекогаш тоа дури значи и да се убеди инвеститорот воопшто да не гради.

Што го прави наградениот проект единствен и уникатен?

- „Музејот Мацура“ е место за складирање и за презентација на уметност, за перформанси, за разговори и дебати, за резиденс програми. Се работи за ниско буџетна архитектура. Се одлучивме за едноставна интервенција со лесно достапни техники, вклучувајќи челична конструкција и фасада од полиуретански панели и што е најважно користевме реупотребени материјали. Вратите, прозорите и дрвениот под, се обезбедени од локалните отпади. Проектот го реализиравме со градежен будџет од само 30.000 евра или 67 евра по метар квадратен, што е рекордно мала сума дури и за српскиот стандард.



Се работи за мал буџет, колку е важно тоа за одржливоста на архитектурата?

- Со овој проект сакавме да отвориме една нова дебата во современите дискусии околу одржливоста. Убеден сум и сметам дека единствено градбата што е ефтина е градба што е и одржлива.

Највпечатлива е розовата фасада, се чини како необично решение за еден ваков рурален амбиент?

- Највпечатлива е храброста на Владимир Мацура да го отвори првиот приватен музеј во Србија. И не еден, туку два музеја на современа уметност во периферијата. Вториот музеј е на 20 километри одалеченост и се наоѓа во Нови Бановци. И Стари и Нови Бановци се населени со голем број српски бегалци од Краина. Бојата само ја означува и подвлекува неговата храброст и новата присутност во селото.



Однадвор градбата изгледа современо, а ентериерот потсетува исто на амбар, на хала, интересен стилски спој... Какви се денешните тенденции во современата архитектура?

- Тој начин на градба за постоечкиот амбар бил во тоа време наједноставен и најефтин. Денес најлесно достапна техника за хала е челична конструкција и фасада од полиуретански панели. Објектот искрено ги соединува двете времиња. Тенденциите секако ги следам, но не ги следам слепо. Модата најчесто и е најголемиот непријател на суштината.



Првите 18 години од својот живот ги поминавте во Скопје, а нешто подолго од тоа живеете и работите во престолнината на Австрија. Колку Виена ги задоволува вашите професионални апетити?

- Виена нуди можности и слобода на мисла и слобода во творењето. Кога јас студирав универзитетот беше бесплатен и не само за австриските граѓани, туку и за нас странците. Тоа беше огромна помош. Често се присетувам дека е огромна среќа да се живее во еден од најдобрите градови во светот. Скопје секогаш ќе биде мој роден град. Со мојата партнерка Катарина Урбанек напишавме две книги за Скопје. За жал, веќе подолго време тука многу работи не се како што треба, односно како што можат да бидат. Политичките структури се безидејни, проектите за жал им се само површни, а од друга страна, пак, граѓанскиот политичкиот ангажман или го злоупотребуваат, или опструираат или, пак, воопшто самите си го креираат и си го глумат.



Имате често и свои претставувања како мултимедијален уметник. Што е следно?

- Веќе година и пол со мојот партнер развиваме нова социјална платформа за во јавен простор. Тоа е моментално еден од моите поголеми и поважни проекти бидејќи соединува дизајн, говор, комуникација и интеракција, архитектура, просторно уредување и политика. Со јавен простор мислам на недигитален, офлајн простор. На 24 септември ќе го ја презентираме продуктот т.е. првата серија како дел од „Виена дизајн вик 2021“. Презентацијата ќе биде во уметничката галерија на Владимир Мацура во првиот бицирк на Виена, спроти Музејот на применета уметност.
Подготвил: Весна Дамчевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема