Луѓето што одлучуваат да ги потрошат парите на „купување“ повеќе слободно време, а не на нешто што има материјална вредност, се посреќни и позадоволни, покажале резултатите од студија што ја спровеле научници од канадскиот Универзитет на Британска Колумбија.
Експериментот покажал дека учесниците во студијата биле позадоволни и посреќни кога 40 американски долари ги потрошиле на плаќање услуга или работа и на тој начин си овозможиле дополнително слободно време, отколку кога истата сума ја потрошиле на материјални нешта.
Психолозите откриле дека стресот во модерното време настанува поради постојана трка со времето и тоа придонесува за појава на анксиозност и несоница.
На овој феномен значително влијаело и зголемувањето на приходите на поединците во многу земји. Од Германија до САД, луѓето секогаш се во трка со времето, им се чини дека никогаш го немаат доволно, што резултира со стрес на дневна база.
Група американски, канадски и холандски психолози спровеле тестови на 6.000 возрасни лица, меѓу кои и 800 милионери. Поставени им се прашања за тоа колку пари би потрошиле на „купување време“.
Се покажало дека помалку од третина секој месец одделуваат средства за друг да прави работи за нив, но тие исто така одговориле и дека се смирени и задоволни од животот со тоа што на други им ги доверуваат тие работи.
Психолозите направиле уште еден двонеделен експеримент во Ванкувер со 60 вработени. Од нив се барало секој викенд да потрошат по 40 долари на нешто што ќе им заштеди време. Од некои се барало да ги потрошат на нешто материјално. Резултатите од истражувањето покажале дека учесниците што ги трошеле парите на „купување време“ биле многу позадоволни.
Психолозите велат дека овие резултати можат да им послужат на сите што сметаат дека по завршувањето на работното време мора да работат дома уште една
смена.