Посреќниот живот по стапувањето во брак можеби не е само во бајките, туку и во податоците.
Луѓето што се во брак велат дека се многу посреќни од оние во кој било друг статус на врска, покажува анкетата спроведена од „Галуп“.
- Како и да се анализираат тие податоци, гледаме голема предност во однос на тоа како луѓето го оценуваат својот живот - вели Џонатан Ротвел, автор на анкетата и главен економист во „Галуп“.
Од 2009 до 2023 година повеќе од 2,3 милиони возрасни луѓе во САД биле анкетирани за тоа како би го оцениле својот живот, при што нулата била најлоша можна оцена, а 10 највисоката. Потоа, истражувачите ги прашале анкетираните колкаво би било нивното ниво на среќа по пет години.
За да се смета за просперитетен, едно лице морало да го рангира својот сегашен живот со седумка, а очекуваната иднина со осумка или повисока.
Во периодот на истражувањето луѓето што биле во брак постојано пријавувале повисоки нивоа на среќа од оние што не биле во брак, од 12 до 24 отсто повисоки во зависност од годината.
Имало јаз дури и кога истражувачите се приспособиле на фактори како што се возраста, расата, етничката припадност, полот и образованието.
Образованието е силен показател за среќа, но податоците покажаа дека возрасните во брак кои немале средно училиште поповолно го оцениле својот живот од оние што не биле во брак, но имале факултетска диплома.
- Работите како расата и возраста, полот и образованието се доста важни. Но, се чини дека бракот е поважен од тие нешта - вели Бредфорд Вилкокс, професор по социологија и директор на Националниот проект за брак на Универзитетот во Вирџинија.
Разлика во тоа како избираме партнери
Можеби среќата поврзана со бракот има врска со она што луѓето го очекуваат од него - вели Иан Кернер, лиценциран терапевт за брак и семејство.
- Во мојата практика, во текот на последната деценија, забележав постепена промена од романтичен брак кон брак со другар, што значи дека луѓето повеќе избираат сопружници кои се повеќе како најдобри пријатели отколку како страсни партнери - вели Кернер.
Иако тоа може да доведе до проблеми со привлечноста, исто така, значи дека луѓето избираат партнери врз основа на квалитети кои веројатно ќе промовираат долгорочна стабилност и задоволство, додава тој.
Фото: Freepik
- Концептот на посветеност подразбира искуство да се биде поврзан со друг. Во најдобар случај, тоа значи да се биде поврзан со некој кој е постојана сигурна и домашна база, кој ќе биде тука за вас при соочување со секакви неволји - вели д-р Моника О'Нил, психолог од Бостон.
Дали треба да стапите во брак за да бидете посреќни?
Податоците можат да нѐ научат на многу работи, но тешко е да се каже дали бракот е причина за повисоки нивоа на среќа.
Квалитетот на бракот може да варира врз основа на индивидуалните околности, општествените промени и културниот поглед на бракот. На пример, во заедниците каде што бракот често е практична потреба, податоците покажуваат помал ефект врз среќата отколку во оние каде што поединците се чувствуваат поспособни да ги изберат својот статус и партнер.
О'Нил не мисли дека ако сте во несреќен брак, ќе се чувствувате подобро во животот.
- Верувам дека оние што имаат несреќни бракови веројатно се помалку среќни од оние што се слободни - вели таа.
Без разлика дали сте во брак или имате момче/девојка, можете да ги оптимизирате вашите шанси за среќна врска со тоа што добро ќе комуницирате за тоа што подразбира вашата посветеност еден кон друг, додава О'Нил.
- Мислам дека никогаш нема да дојдеме до точка во општествените науки каде што ќе можеме да кажеме дали или не и со каква било прецизност дали бракот предизвикува среќа - се надоврзува Ротвел.
Извор:
CNN
Фото: Freepik