X
 27.08.2019 Образование

Студентскиот дом во Вараждин има сончеви електрани и е пример за регионот

Студентската менза и студентскиот дом во Вараждин се едни од најдобрите примери за користење на сончевата енергија во Хрватска, а и пошироко. Освен што ги покрива потребите на новата зграда на домот, соларната електрана на покривот со вишокот енергија ја снабдува и старата зграда. Ова е единствената зграда за јавна намена во Хрватска категоризирана како А+.

- Се одлучивме за сончева електрана затоа што служи за директно производство на електрична енергија од сончевото зрачење, а притоа нема штетни емисии во околината. Освен тоа, инсталациите за производство на електрична енергија се градат за долготрајно користење, повеќе од 25 години со најниски трошоци за одржување. При изработката на концептот за студентскиот кампус сакавме да создадеме современ и енергетски одржлив комплекс, кој не само што ќе троши малку енергија туку и ќе произведува голем дел од електричната енергија за сопствена потрошувачка - истакнува Маријан Марцијуш, инженер по електротехника кој работел на проектот.

Првиот проект бил за студентскиот ресторан.

- На покривот од ресторанот има сончева електрана со сила од 68 kW, а се состои од 231 монокристален панел со димензии 2.000 x 1.000 mm. Панелите се со поединечна сила од 320 W. Сите панели се свртени кон југ под агол од 32 степени, со што даваат најголема сила во текот на пладневните часови, кога има и најголема потреба за енергија во ресторанот. Цената на електраната беше околу 560.000 куни (околу 75.700 евра), а годишно се произведуваат околу 85.000 kWh - објаснува инженерот.

При планирањето на студентскиот дом идејата била да се постават фасадни фотонапонски панели, но поради повисоката цена и помалата ефикасност, се откажале од тоа и била проектирана и изведена електраната на покривот.

- Поради поинаквиот профил на потрошувачка во студентскиот дом, не ги свртевме панелите кон југ, туку ги поставивме во насока исток-запад, со што се добива подобар распоред на производство во текот на денот. Имено, претпладне повеќе енергија произведуваат панелите свртени кон исток, а во текот на попладнето панелите свртени кон запад. Панелите се поставени со наклон од десет степени поради поедноставна потконструкција и помала опасност од ветар. Инсталирани се 436 поликристални силициумски модули со димензии 1.650 x 1.000 mm. Силата на електраната е 119 kW, годишно произведува околу 132.000 kWh, а цената на електраната беше 990.000 куни (околу 133.900 евра) - наведува Марцијуш.

Новиот дом создава доволно енергија да може вишокот да го дава на соседниот објект, стариот дом. На некој начин, како младите да се грижат за старите, само што станува збор за згради, а не за луѓе. Ова засега е единствената зграда за јавна намена во Хрватска што е категоризирана како А+.

- Сета енергија што се произведува во двете електрани се користи во сите три објекти, стариот и новиот студентски дом и ресторанот, а вишокот се испраќа во мрежата. Ќе се исплати за седум години, а во следните дваесетина ќе произведува бесплатна енергија, со што многу ќе придонесе за енергетската ефикасност и намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид. На крајот на животниот век модулите можат речиси целосно да се рециклираат, а висок процент од составните суровини може повторно да се користи - заклучува инженерот.

И тоа не е сè. На плоштадот пред постојната зграда има и соларен парк со соларно дрво и две клупи кои покрај производството на енергија, служат и за полнење на уреди.

Хрватска е толку блиску, а толку далеку...

Фото: Jutarnji.hr
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование