X
 16.04.2018 Наша тема

Аница Хрлец, наставничка од Хрватска: За природни науки и физика сме тука некаде... на дното на ПИСА

Хрватска е навлезена во длабоки образовни реформи. Новите курикулуми (наставни програми) почнале да се подготвуваат во 2015-2016 година и на нив работеле повеќе од 400 експерти. Од септември влегуваат во експериментална фаза во училиштата

И во Хрватска, исто како и во Македонија, учениците покажуваат исклучително слаби резултати на тестирањето ПИСА. Децата се преоптоварени со програмите, имаат по седум часа секој ден, 16 различни предмети, огромно градиво кое треба да го совладаат, вели Аница Хрлец, наставничка по физика од Хрватска. Таа веќе 20 години предава во гимназиски одделенија. Вели дека учениците од двете земји на полето на физиката и природните науки се „тука некаде“. Хрлец учествуваше на големата меѓународна Конференција за образованието по природни науки и математика, која се одржа пред нецел месец на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
 

Аница Хрлец на Конференцијата за образованието по природни науки и математика на ПМФ

Таа објаснува дека Хрватска е навлезена во длабоки образовни реформи. Новите курикулуми (наставни програми) почнале да се подготвуваат во 2015-2016 година и на нив работеле повеќе од 400 експерти.

- Во моментот тие се на светски рецензии и во учебната 2018-2019 година ќе влезат во експериментална фаза во основните училишта и во првите одделенија во средните училишта – објаснува Хрлец.

Учениците се преоптоварени – 7 часа дневно, 16 предмети


Што ќе донесат промените во образованието во Хрватска, каков квалитет треба да донесат на полето на физиката и природните науки?
- За физика и за природни науки... тука сме некаде. Резултатите од истражувањата на тестот ПИСА покажаа дека нашите ученици се исклучително лоши во делот на природнонаучната писменост. Постигнуваме потпросечни резултати. Со оваа реформа треба токму во тој дел на природнонаучна писменост учениците да стекнат компетенции за да ги решаваат проблемите. Ќе добијат настава која се темели на исходи – вели Хрлец.


Практичната настава зависи најмногу од наставникот и од неговата креативност

Таа објаснува дека досега не се направени стручни истражувања зошто се случува ова. Според неа, тоа е најлошиот момент кој се однесува на сегашната реформа – што не се спровело истражување за состојбите во училиштата.
- Еден од проблемите е преоптовареност на учениците со програмите. Тие имаат по седум часа секој ден, по 16 различни предмети, големо градиво од сите тие предмети што мора да го совладаат. Конечно, наместо да се решава проблемот, се „буба“ материјалот само заради оценка – вели Хрлец.

Големата количина на сè и сешто не значи никаков квалитет, додава таа. Затоа реформите биле насочени кон намалување на содржините, за да се ослободи простор за подлабоко истражување токму во предметите од природни науки, проектната настава, ангажманот на учениците, за да ги развиваат вештините што би им помогнале во тој дел.
Според Хрлец, насочувањето кон природните науки треба да почне уште на почетокот на образовниот процес, за да се развие интересот за овие предмети.


Односот кон природните науки мора правилно да се насочува уште во најниските одделенија

- Учениците во основните училишта од 1 до 4 одделение имаат еден предмет кој е природно ориентиран, „Природа и општество“. Тоа и не е некоја сериозна програма по која тие би можеле да работат некои мали истражувања, да се сретнат со експериментот. Тука е најголемиот проблем. Наставниците и учителите од одделенската настава и немаат таква обука, компетенции за да ги подучуваат учениците онака како што треба, во истражувачка насока. Можеби тоа недостига на тие академии каде што се образоваат одделенските наставници. Ако се засили тој дел, верувам дека ќе има наставници што ќе можат на еден таков проблемски начин да ја изведуваат наставата по природни науки во пониските одделенија – вели Хрлец.

ЕУ е мотиваторот и финансиерот на големите промени

Реформата во образованието во Хрватска е директно врзана со членството во Европската Унија, која ги финансира и потпомага реформските промени и во образованието.
- Хрватска за овој реформски проект доби огромни пари и сигурно дека ЕУ е мотиваторот на тие промени – објаснува Хрлец.

На прашањето колку е важно наставникот да ги инспирира и заинтересира учениците да засакаат некој предмет, таа одговара дека е обратно – учениците ѝ се нејзина инспирација.
- Верувајте, кога ќе имате една таква атмосфера, кога ќе видите дека можете да ги мотивирате, а за тоа и не е потребно многу, само еден едноставен експеримент кај нив ќе разбуди чудење, ќе почнат да се интересираат, да размислуваат за тоа. Тогаш сте постигнале многу – вели Хрлец.


Новите наставни програми се подготвуваа три години, во септември влегуваат во експериментална фаза во училиштата

Таа вели дека наставниците треба да бидат креативни во начинот на кој им го пренесуваат материјалот на учениците. За еден експеримент се потребни чаша и вода...
- Во последно време, откако долго време се изнаслушав од моите колеги, па и јас така велев, дека немаме услови, немаме со што, почнав опити со многу едноставен прибор. Дури и осмислив кутија која ја нарекувам „хокус-покус“, во која има прирачен прибор и може да се изведат стотина експерименти, без финансиски трошок – вели Хрлец.

На прашањето какви се платите на наставниците во Хрватска, Хрлец вели:
- Тоа веројатно е секаде проблем, не е различно ниту кај нас. Професорските и платите на наставниците се под просекот на државните служби. Но, мислам дека тоа на некои не им е пречка да работат повеќе од максимумот. Бидејќи во суштина учителската работа не е професија, туку она што го живееш секој ден. Повик.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема