НАСА наводно истражува нешто за што се вели дека е првиот пример на вселенски криминал.
Според извештај на „Њујорк тајмс“, вселенската организација моментално ја разгледува жалбата дека астронаутот Ен Меклејн непрописно пристапила до банкарската сметка на нејзината сопруга Самер Ворден (со која биле разделени) додека била надвор од Земјата, односно на Меѓународната вселенска станица.
Меклејн, која оттогаш се вратила на Земјата, призна дека пристапила до сметката, но негираше дека имала задни мисли. Таа на „Твитер“ напиша дека тврдењата не се точни, но Ворден, разузнавачки службеник во воздухопловните сили, има поинаков став. Таа поднела жалба и ја обвинила Меклејн за кражба на идентитет и несоодветен пристап до нејзините приватни финансиски досиеја.
Парот бил во брак од 2014 година, но Ворден поднела документи за развод минатата година. Меклејн дипломирала на престижната воена академија „Вест Поинт“ и била избрана да лета за НАСА во 2013 година, а требало да биде дел од првата прошетка во вселената само за жени во март, пред да се откаже.
Со оглед на вклученоста на САД, Канада, Јапонија, Русија и ЕУ во Меѓународната вселенска станица, астронаутите ќе бидат предмет на тужби врз основа на тоа од која земја имаат
државјанство.
Ова може да е првиот домашен спор што стигна до вселената, но сигурно
нема да биде последниот бидејќи се очекува во иднина да има и вселенски
туризам.