X
 07.02.2024 Наука

На НАСА ѝ се потребни идеи за да го проучува потенцијално опасниот астероид Апофис

Астероидот 99942 Апофис брзо се приближува до нашата планета, а ни претстои непријатно блиска средба во 2029 година. За да се подготви за овој редок настан, НАСА ги повикува сите што имаат идеја за евтина мисија за средбата со Апофис. Вселенската агенција веќе има неколку астероидни сонди подготвени да ја преземат задачата.

На 7 февруари НАСА закажа работилница за иновативни пристапи за спроведување мисии за време на средбата во 2029 година. Работилницата бара идеи од приватниот вселенски сектор, други меѓународни вселенски агенции и владини агенции.

Во меѓувреме, сондите кои првично требаше да проучуваат два одделни бинарни астероидни системи моментално се во складиште во компанијата „Локхид Мартин“, која ги дизајнира и изгради овие сонди. Овие сонди требаше да бидат лансирани во август 2022 година, патувајќи во вселената со мисијата „Сајки“ чија цел беше да го истражува астероидот богат со метал. Но, лансирањето беше одложено поради софтверски дефект.

Иако „Сајки“ беше лансиран во октомври 2023 година, лансирањето не можеше да ги испорача двете вселенски летала до првичните цели на мисијата.

Средбата со Апофис би можела да биде совршена можност за пренамена на сондите.

Апофис е астероид чија ширина изнесува околу 335 метри. Кога првпат беше откриен во 2004 година, беше означен како опасен астероид кој може да ја погоди Земјата. Меѓутоа, подоцнежните набљудувања ги уверија научниците дека сè уште нема потреба од паника и дека астероидот нема шанси да се сруши на нашата планета најмалку еден век.

Астероидот ќе дојде на блиско растојание од 32.000 километри до Земјата на 13 април 2029 година. НАСА сака да го истражува астероидот за да утврди дали гравитационото поле на Земјата ќе има влијание врз ориентацијата и вртењето на Апофис.

Извор: Gizmodo.com
Фото: NASA/JPL-Caltech and NSF/AUI/GBO
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука