X
 27.08.2021 Живот

„Eрбиенби“ нуди привремено сместување за 20.000 авганистански бегалци

Додека огромен број луѓе бегаат од Авганистан по преземањето на земјата од страна на талибанците, се отвораат прашања за тоа каде ќе одат овие бегалци.

Откако ги напуштија своите домови, тие ќе бараат засолниште, а една компанија објави дека ќе им помогне. Извршниот директор на „Ербиенби“, Брајан Чески, на неговиот твитер-профил објави дека компанијата ќе им овозможи привремен дом на 20.000 бегалци на глобално ниво.

Иако не е јасно колку долго ќе трае понудата за домување, компанијата ќе го плаќа престојот во домовите достапни на нејзината платформа. Финансирањето доаѓа директно од „Ербиенби“, Чески и донатори на бегалскиот фонд на „Ербиенби“.

- Раселувањето и преселувањето на авганистанските бегалци во САД и на други места е една од најголемите хуманитарни кризи на нашето време. Чувствуваме одговорност дека треба да помогнеме - вели Чески.

Чески додаде дека компанијата ќе работи со локални партнери и невладини организации за да се осигурат дека ги задоволуваат најважните потреби. Тие веќе имаат работено со партнери за да обезбедат дом на 165 бегалци кои неодамна пристигнаа во Америка.

Ова не е првпат „Ербиенби“ да го понуди своето домување. Преку својата непрофитна филијала Airbnb.org, компанијата вели дека од 2012 година била домаќин на 75.000 луѓе. Идејата се родила кога локален водител го контактирал „Ербиенби“ за да види дали може да понуди домови бесплатно, откако ураганот „Сенди“ го погоди Њујорк. Оттогаш „Ербиенби“ работи на обезбедување домови за лица раселени поради пожари, за бегалци и за баратели на азил, како и за здравствени работници за време на ковид-пандемијата.

begalci
Фото: UNHCR

Каде одат бегалците откако ќе го напуштат Авганистан?

Соседните земји Пакистан и Иран примаат најмногу авганистански бегалци. Во 2020 година 1,45 милион бегалци пристигнаа во Пакистан, додека 780.000 се упатиле кон Иран. 181.100 бегалци отишле во Германија, но сегашната слика е поинаква. Со оглед на тоа што талибанците ги контролираат граничните премини кон Пакистан и Иран, оние што сакаат да излезат од земјата по копнен пат, се блокирани. Иако постојат мали кампови поставени по должината на границите со Пакистан и Иран, повеќето луѓе што сакаат да заминат по копно засега остануваат заробени во земјата.

САД соопштија дека сегашната мисија за евакуација им помогнала на 60.000 луѓе да ја напуштат земјата. Не е јасно колку од тие луѓе се локални жители.

Во моментов евакуираните од аеродромот во Кабул се префрлаат во Кувајт и Катар со цел да се спроведе процес на проверка. Потоа ќе бидат преместени во САД или во други земји што прифаќаат бегалци. Веројатно таму ќе се вклучи „Ербиенби“ со помош од своите партнери. Тоа е дарежлив и многу потребен гест, и се надеваме дека повеќе бизниси ќе излезат во пресрет во ова време на криза.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот