X
 27.09.2017 Здравје

Здравата исхрана: уште еден минлив тренд или големо освестување?

Доколку ги отворите денешните весници и информативни веб-страници, сигурно ќе пронајдете текстови на тема здрава исхрана. Притоа, веројатно тоа нема да биде текст со совети од нутриционисти како со овошје да се изборите со сезонските настинки, туку нешто поекстремно.

Весниците, магазините, телевизијата, интернетот и воопшто секоја платформа чија цел е информирање на широката маса се преплавени со новите тренди намирници, велнес-исхраната и стотиците различни диети.

Со оглед на тоа што овој феномен не бил отсекогаш присутен, се наметнува прашањето дали станува збор за правилно одржување на духот и телото или само за уште еден тренд на модерното време?

Како грижата за исхраната го окупира мозокот на современиот човек?

Здравата исхрана отсекогаш била препорачлива и важна - тоа не може да се негира. Но она што внесува забуна во приказната за деталната опсесија е фактот што нашите предци се хранеле здраво и живееле со полни гради децении пред нас и без чиа семе, киноа, аронија и останатите популарни производи.

Некогашниот начин на живот на просечниот човек се базирал на внесување доволна количина калории, протеини, витамини, па и озлогласената гликоза, но и што помалку напрегање на организмот, задоволителен сон, физичка активност и квалитетно време поминато во природа.

Едноставно кажано, човекот од минатиот век се придржувал само кон оние основни правила за квалитетен и долг живот.



Од друга страна, модерната ера на човекот го отежнува одржувањето на здравјето и енергијата. Денес, пократко спиеме, немаме време за спорт, постојано седиме пред екранот и сме изложени на поголема количина на стрес, што стана уште еден вид модерна хронична болест.

Со оглед на тоа што животниот стандард по само неколку децении е намален, човекот се насочи кон префорсирање на здравата исхрана - последната сламка за спас за која се фаќа обидувајќи се да го доведе својот живот во ред.

Освен тоа, уште неколку факти се во игра.

Прво, насочувањето кон некоја квазиздрава исхрана алудира на фактот што слепо го копираме западниот стил. Во источните региони популарно е откажувањето на алкохолот и цигарите, возењето на велосипедот, одењето на јога и џогирањето секое утро, насочувањето кон диетите и егзотичната храна чие име не можеме ниту да го изговориме, а камоли да си ја дозволиме е само логичен тек на околностите.

Исто така, доколку ја изберете таканаречената велнес и вегетаријанска исхрана, тоа автоматски ви ја отвора вратата кон заштита на животната средина и животните. Токму овој став им одговара на производителите бидејќи општата побарувачка за главно недостапна храна подразбира дека купувачите се подготвени да потрошат богатство за оваа храна да им стане достапна.



Што значи
денес човек да се храни здраво?

Иронично, трендот успеа нешто толку едноставно и вообичаено како исхраната да го искомплицира.

Денес не е воопшто лесно човек да се храни здраво. Шеќерот, гликозата, млекото, па дури и месото се целосно отфрлени од листата со производи кои е дозволено да се внесуваат во организмот, но затоа постојат голем број сурогат-варијанти за нив.

Нешто со кое со години се опседнати магазините за живот и стил се егзотичните (и со самото тоа скапи) намирници, кои треба да го заменат сето она што во исхраната досега се сметало за основно.

Уште една популарна варијанта за консумирање исклучиво сурова храна, бидејќи се покажа дека готвената предизвикува разни болести и го забрзува процесот на стареењето, е исхраната во боја - која се темели на правилото дека во чинијата секогаш треба да имаме најмалку пет бои на различно овошје и зеленчук.

Општо земено, суштината на овој тренд е дека здравите луѓе се хранат исто како оние што страдаат од дијабетес, кардиоваскуларни болести и болести поврзани со внесувањето глутен, без никаква реална потреба, а притоа слепо веруваат дека на тој начин ќе го исчистат и зајакнат своето тело.

Дали форсираната здрава исхрана е всушност залажување на себеси?


Здравата исхрана на модерното време стана одлична маркетинг-алатка. Произведувачите сугестивно ги убедуваат луѓето дека глутенот и останатите „штетни“ супстанции не им се потребни и дека нивниот организам сам бара нешто поздраво доколку му се даде можност да го идентификува поздравото.

Иако звучи убедливо, ова е против секоја логика. Не е ни чудно што во продавниците на нездрава или дискутабилно здрава храна на посебни рафтови се одделени оние диеталните и хроно-производи. Бидејќи, ако стојат заедно, инстинктивно би посегнале по она што се смета за нездраво.

Исто така, голем проблем настанува кога ќе се судрат два спротивни тренда.

Се чини дека повеќе не станува збор за здрава исхрана само заради неа туку за одамна познатата долговечност и еликсир. Поради оваа причина, трендот на здрава исхрана лесно може да се изедначи со трендот на пластична хирургија.

Самата природа го тера човек да ја зачува виталноста колку што е можно подолго, меѓутоа, ова не се постигнува со екстремна детоксикација или консумирање сирова храна. Можеби најдоброто решение сепак би било насочување кон стариот, квалитетен начин на живот, а не акумулацијата на лоши навики и надежта дека добрата исхрана ќе го реши проблемот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје