X
 23.05.2019 Здравје

Гравесова болест и тироидна гуша

Како да ги препознаете симптомите поврзани со нарушувањата на тироидната жлезда

Во претходниот текст се осврнавме на хипертироидизам и хипотироидизам, а денеска ви претставуваме уште две од петте нарушувања на тироидната жлезда, Гравесова болест и тироидна гуша. Содржините се дел од кампањата „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест“ во организација на Здружението на лекари по општа - семејна медицина, која преку т.н. тироидни емотикони има цел да ги прикаже нарушувањата на тироидната жлезда и да даде првични насоки како да ги препознаете знаците и симптомите на секое од нарушувањата.

1

Гравесова болест – Гравесова или Базедова болест е вид хиперфункција на тироидната жлезда, која освен клиничката слика (чувство на топлина, немир, нервоза, засилено потење, повишен базален метаболизам, слабеење) може да даде и симптоми како: тахикардија и дифузна струма. Луѓето со Гравесова болест обично имаат и забележлива карактеристика на истакнати или испакнати очи поради што очните капаци се подигнати. Истакнатоста и испакнатоста на очите кај заболените предизвикува и отежнато движење на очното јаболко, па неретко кај заболените се јавува и дупла слика при гледање, а чести појави се и сувост на очите и очни инфекции. Гравесовата болест е автоимуна болест, при што имунолошкиот систем создава антитела кои ја напаѓаат тироидната жлезда и таа станува хиперактивна. Ја зафаќа цела тироидна жлезда и затоа уште се нарекува дифузна токсична гуша, во целост зголемена тироидна жлезда која лачи премногу хормони. Гравесовата болест се јавува кај повеќе од 70% од пациентите со хипертироидизам и тоа во сооднос жени-мажи од 8:1, односно дури 8 пати е почеста кај жените отколку кај мажите. Во последно време многу повеќе се знае за оваа болест, но сè уште не може со сигурност да се утврди зошто поединци ја добиваат оваа болест.

gusa

Тироидна гуша - некои пациенти имаат оток само на предниот дел од вратот како последица на зголемена тироидна жлезда, позната како „гуша”. Големината на гушата варира од личност до личност и во повеќето случаи не предизвикува никакви симптоми. Во потешки случаи можат да се јават симптоми како кашлање, затегнатост во грлото, засипнатост и тешкотии со голтањето или дишењето. Повеќето тироидни гуши се обично неканцерозни, но во приближно 1 од 20 случаи, тие може да бидат знак на тироиден канцер.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје