X
 24.04.2022 Здравје

Зошто лекарите препишуваат два часа во природа?

Канадските лекари имаат препишано повеќе од 4.000 рецепти за поминување време на отворено во обид да ги претворат општоприфатените здравствени придобивки на природата во уште една алатка во современиот медицински прибор.

Програмата, наречена „Парк-ер-екс“, беше развиена во 2020 година од лекар од Ванкувер во партнерство со Фондацијата „Би-си паркс“ на Британска Колумбија. Лекарите што учествуваат им даваат на своите пациенти упатства да излезат надвор, обично два часа неделно, како средство за подобрување на специфични состојби на нивното здравје. Состојбите вклучуваат сè - астма, кардиоваскуларни болести, АДХД, депресија и анксиозност.

„Парк-ер-екс“ доби големо засилување и поддршка од канадската влада кога минатиот месец „Паркс Кенада“, агенцијата што управува со националните паркови во земјата, се приклучи во напорите. Агенцијата им дозволи на лекарите да им препишуваат пропусници на своите пациенти за прошетка низ националните паркови на Канада. Пропишаната пропусница им овозможува на луѓето бесплатно да влезат во кој било од 38. национални паркови во Канада.

Заради нивното здравје, учесниците можат да уживаат во планинските пејзажи на националниот парк Банф во Алберта, да пешачат по извртените патеки низ бујните шуми во резерватот на националниот парк Пацифик Рим во Британска Колумбија или да прошетаат по пешачките мостови што се протегаат низ водите на националниот парк на островот Принц Едвард.

Идејата на програмата „Парк-ер-екс“ не е контроверзна. Здравствените придобивки од престојот во природа се евидентирани и проучувани.

Истражување од „Нилсон“ покажа дека Канаѓаните, во просек, поминуваат повеќе од еден час надвор од работните денови и за време на викендите, но истражувачите велат дека бројот не е точен поради тоа што мал број Канаѓани секогаш се на отворено. 40 отсто велат дека не го поминуваат слободното време на отворено.

„Парк-ер-екс“ смета дека рецептот од докторот ќе ги мотивира луѓето да одат во природа.

- Кога докторот ќе препише нешто, истражувањата покажаа дека пациентите имаат поголема веројатност да го следат - вели Прама Рахман, координаторка за програмата „Здравје со природата“ на фондацијата „Би-си паркс“.

Канада не е единствената земја што експериментира со ваква програма. Во САД има мало движење кое ги охрабрува лекарите да им дадат на пациентите пишани упатства слични на рецепти да поминуваат повеќе време надвор. Практиката стана популарна поради карантините и заклучувањата предизвикани од пандемијата.

priroda
Фото: Freepik

Како влијае врз долговечноста?


Како што е наведено од „Парк-ер-екс“, истражувањата покажуваат дека времето поминато на отворено може да помогне во олеснување на низа хронични состојби. Метаанализите покажуваат широк опсег на здравствени придобивки од природата и многу студии ги испитувале овие механизми во акција.

Неколку примери:

- Средовечните мажи во Јапонија кои се вклучиле во четиричасовна „шумска терапија“, што всушност е поминување време во природа, го намалиле крвниот притисок во просек за околу 10 поени.

- Луѓето што престојувале во шума околу 15 минути го намалиле нивото на кортизол и варијабилноста на отчукувањата на срцето и знаците на стрес, додека контролната група која престојувала во урбана средина немала никаква корист.

- Учесниците што имале 90-минутна прошетка низ природа рекле дека имале пониско ниво на руминација и покажале намалена нервна активност во областа на мозокот поврзана со ризик од ментална болест во споредба со оние што пешачеле низ урбана средина.

- По еднодневно патување во шума, учесниците во една студија имале зголемени НК-клетки. НК-клетките се имунолошки клетки што се борат против ракот и бактериски инфекции.

- Децата со АДХД имале подобри резултати на тестовите по прошетката во парк отколку децата со АДХД што шетале во градска средина.

Извор: Inverse.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје