X
 27.09.2019 Живот

СФРЈ била бастион за Холивуд, а сега се случува нешто слично

Најјаките светски компании за репродукција на медиумска содржина на интернет (стриминг) вложуваат милијарди во производство на локална содржина во светот и поттикнуваат нов вид глобална продукциска економија.

На компаниите како „Амазон“ и „Нетфликс“ им е потребна содржина на локални јазици и изворни приказни од региони во кои мора да привлекуваат претплатници, а тоа не можат да го постигнат од Холивуд.

Брзањето за создавање локална содржина особено се забележува во земјите како Хрватска, Србија и другите делови од поранешна Југославија.

- Тоа подрачје, кое некогаш беше бастион за холивудската филмска продукција пред војните во поранешна Југославија, сè уште има ресурси и стручност во производството на содржина и привлекува нови великани од Холивуд - вели Небојша Тараба, хрватски продуцент чија хит-серија „Новини“ беше преземена од „Нетфликс“ минатата година, кога стана глобално успешна.

Продуцентската куќа на Тараба почна и со продукцијата на првата хрватска серија за „Ејч-би-о Адриа“, наречена „Успех“. Ејч-би-о во регионот дојде во 2016 година со лансирањето на „Ејч-би-о Адриа“, која се емитува во земји како Хрватска, Словенија, Србија, Бугарија и Македонија.

Ветувањата за вложувања во локално произведените содржини минатиот викенд беа во фокусот на фестивалот „Викенд медиа“ во Хрватска, каде што се собраа повеќе илјади продуценти, уредници и медиумски професионалци од регионот за да разговараат за онлајн-репродукција на содржина и локални содржини.

- Побарувачката е толку голема што ни недостигаат луѓе кои би ги составувале сетовите, а не пак актери и продуценти - вели еден од продуцентите.

Алкександра Суботиќ, извршна директорка на „Јунајтед медиа“, истакна дека се во добра положба во поглед на локална содржина.

- Зборувам за вложувања вредни стотици милиони евра. Уочивме дека домашната содржина е многу барана. Поради тоа го почнавме производството и горди сме на нашата висока продукција во регионот - истакна таа.

Популарноста на филмовите снимани во регионот, како што е „Игра на троновите“, дополнително ги намами гигантите од Холивуд да дојдат на Балканот. Она што дополнително го привлекува интересот на Холивуд во регионот се големите даночни олеснувања, сликовитите пејзажи и евтината работна сила.

- Во Лос Анџелес можете да ангажирате еден електричар по цена на тројца или четворица електричари тука - вели неименуван продуцент.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот