X
 27.09.2023 Живот

Во Германија се нуди плата од 11.000 евра за келнер

Дури 11.000 месечно можат да заработат келнерите во Зодерсторф, Германија.

Ваква плата нуди ресторан кој се наоѓа во ова место. Како што пишуваат германските медиуми, ресторанот очајно се обидува да најде работници.

- 11.000 евра, отсега! - Со овој натпис Филип и Кристин фон Стум го рекламираат работното место во нивниот ресторан, кој се наоѓа во Зодерсторф, Долна Саксонија.

Тие се сопственици на стара фарма со ресторан каде што се одржуваат семинари и разни настани.

Како што вели Филип, ресторанот може да организира 50 свадби на годишно ниво и има доволно интерес, меѓутоа, нема доволно работна сила. Поради тоа, тој се согласил да организира меѓу 10 и 15 свадби годишно.

Овој ресторан не е единствен со ваков проблем. Во јуни германската агенција за вработување објави 33.160 слободни работни места во угостителската индустрија. Се претпоставува дека недостигаат двојно повеќе квалификувани работници, моментално во Германија фалат повеќе од 66.000 готвачи, помошници во кујна, келнери и друг персонал за услуга.

Поради недостиг на персонал, рестораните воведуваат поголем број слободни денови за работниците и ги скратуваат менијата или работното време.

Но, побарувачка има. Институтот „Ифо“ неодамна објави дека туристичката индустрија во Германија е во пораст. Во големите градови како Минхен, Берлин, Хамбург, Штутгарт и Дрезден продажбата е значително подобра за разлика од 2019 година.

Во Берлин, на пример, продажбата е за околу 60 отсто повисока отколку пред пандемијата. Во другите градови растот се движи помеѓу 24 и 35 отсто. Но, и платите се зголемија низ целата земја, иако во руралните области беа помали. Но, иако на индустријата ѝ оди добро, мал број луѓе сакаат да работат, многумина си заминуваат зашто не се гледаат себеси во угостителството на долг рок.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот