X
 04.11.2022 Забава

Отишол во Би-би-си на интервју за работа, завршил на вестите во живо

Сите сме се нашле во ваква ситуација: аплицирате за работно место, добивате термин за интервју и веднаш почнува вознемиреноста.

Никогаш не знаеме кои прашања ќе ни бидат поставени или во што се впуштаме; сепак, се трудиме да ја добиеме позицијата. За Гај Гома, ова значело да биде дел од ТВ-вестите во живо и да мора да зборува за тема со која не бил 100 отсто запознаен. Најдобриот дел? Сето тоа се случило како последица на еден од најсмешните случаи на мешање идентитети.

Гома бил кандидат за работа кој требало да има интервју за позиција во ИТ-одделот за поддршка на податоци во Би-би-си. Тој пристигнал во Би-би-си во Лондон за да разговара со својот иден работодавец. Истиот ден била донесена пресуда во познатиот спор за логото меѓу „Епл“ и издавачката куќа на Битлси, „Епл корпс“. Поради тоа, технолошкиот експерт Гај Кјуни бил повикан да зборува за пресудата.

Меѓутоа, кога продуцентот за „Би-би-си њуз 24“ отишол во фоајето да го пречека гостинот, рецепционерот покажал на Гома. Продуцентот видел слика од Кјуни, но рецепционерот бил сигурен дека тоа е експертот. На прашањето дали е Гај, Гома одговорил потврдно. На само неколку минути пред интервјуто во живо, тимот го сместил пред камерите и го опремил со микрофон. И покрај тоа што мислел дека сето тоа е многу чудно, Гома бил убеден дека е интервјуиран за работа.

Конечно, кога новинарката Карен Бауерман го претставила како експертот за технологија Гај Кјуни, Гома сфатил дека дошло до големо недоразбирање. Иако бил видно шокиран, грациозно се справил со ситуацијата за да не направи сцена. Благодарение на неговата ИТ-заднина, Гома знаел доволно за дигиталните трендови за да даде веродостојни одговори. Со оглед на тоа што преземањето музика беше нова тема во 2006 година, Гома дури точно предвиде дека луѓето ќе се потпираат на интернетот за да најдат музика. Во меѓувреме, Кјуни го гледал сето тоа во чекалницата.

Откако завршил со интервјуто, Гома се упатил на неговото вистинско интервју за работа; но, за жал, не бил вработен за оваа позиција. Околу една недела подоцна тој повторно се појавил на „Би-би-си њуз 24“, овој пат за да зборува за своето искуство. До денес, тоа се смета за едно од најурнебесните ТВ-интервјуа, а исто така и мастер-клас за давање сè од себе кога некој ќе се најде во неочекувана ситуација.


Извор: Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава