X
 05.08.2020 Здравје

Колку позитивни на Ковид-19 во Македонија немале никакви симптоми?

Од појавата на првиот случај до 2 август кај нас се регистрирани 11.127 позитивни лица на коронавирус. Од случаите што се епидемиолошки истражени, кај 2.979 или 27,1% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на Ковид-19, покажуваат анализите на Институтот за јавно здравје. Од нив, 1.775 или 59,6% имале контакт со веќе потврден случај во државата.

Според денешниот извештај на ИЈЗ за периодот од 27 јули до 2 август, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се оние над 60 години со 209 (22,9%) позитивни. Поголем број заболени се регистрирани и кај граѓаните на возраст од 30 до 39 години - 19,4%. По нив на списокот се лица од 40 до 49 години (17,9%) и од 50 до 59 години (17,8%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години (3,1%) и од 10 до 19 години (5,0%).

Од Институтот известуваат дека продолжува трендот на помал број новозаразени и починати од Ковид-19, а зголемен е бројот на оздравени лица во однос на претходната недела. Во изминатата недела новозаболени се регистрирани во 28 града, при што најголем процент на новозаболени има во Скопје (27,9%), во Штип (12,2%) и во Гостивар (11,2%). Во 19 града во земјата бројот на новопотврдени случаи е под 20.


Инциденца на 100.000 жители на Ковид-19 во Македонија / Графика: Институт за јавно здравје

Во изминатата недела заболеле 912 лица, од кои според полот 431 (47,3%) лице се жени, а 481 (52,7%) се мажи. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 1.032 лица што биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Од почетокот на епидемијата до 2 август случаи на заболени се регистрирани во 35 града низ државата. Најголем дел се регистрирани во Скопје, Куманово и во Тетово, додека највисок морталитет има во Струга, Тетово, Куманово и во Скопје.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје