X
 27.10.2021 Наша тема

Наставникот не смее да води војна со учениците

Кај нас важат оние стари принципи на казни - пишување единица, излив на негативни емоции од страна на наставник, бркање од час, испраќање кај психологот. Денешните деца ги примаат казните на различен начин, велат психолозите

Денешните ученици имаа голема слобода на изразување и сакаат да градат другарски однос со нивните наставници, согласни се наставниците. Неретко се случува тие и да ги злоупотребат своите права, а клучна улога во одржувањето баланс меѓу ученикот и наставникот имаат родителите.
По немилата случка што предизвика реакции во јавноста, а во која на видеоснимка се гледа како во училница наставник удира дете, го крева, па го спушта на земја, се наметнува прашањето колку е тешко во денешно време да се биде наставник, во време кога децата имаат многу права?

Учениците имаат слобода

Факт е дека однесувањето на децата е значително променето, споредено со пред две-три децении. Ако во минатото тие биле дисциплинирани послушници чиј вистински авторитет бил наставникот, денес имаме една поинаква слика. Денес децата имаат голема слобода на изразување и сакаат да градат другарски однос со наставниците во кој заеднички, по пат на договор, ќе ги поставуваат правилата, смета наставничката Марија Богатиноска од Основното училиште „Никола Карев“ во Пробиштип.

- Децата имаат поголеми права и тоа е сосема во ред, сѐ до моментот додека не почнат да ги злоупотребуваат. Клучна улога во одржување баланс помеѓу учениците и наставниците имаат родителите, кои веќе и активно се вклучени во воспитно-образовниот процес со тоа што се дел од училишните органи и исклучително се почитува нивното мислење. Трите клучни фактори - ученик, наставник, родител, треба да имаат изградено заеднички став според кои правила ќе се однесуваат и ќе ја градат нивната комуникација, но притоа најважно од сѐ е доследно да се придржуваат на тој став - вели таа.


Марија Богатиноска
Тешко е, но има решенија

Воопшто не е лесно да се биде наставник во 21 век. Сведоци сме на многу брзи и динамични промени кои од наставниците бараат многу да се вложуваат, многу повеќе време од реалното работно време и многу поголема толеранција во целото опкружување.
- Сето ова ја зголемува тензијата кај една личност, која, пред сѐ, треба да се избори со самата себе за да успее да се избори со другите. Тешко е, но сепак никогаш не треба да заборавиме која е нашата професија и какво значење има таа во градењето на едно општество. Да бидеш наставник, значи да бидеш дете, да бидеш тинејџер, родител, доктор, медијатор, но пред сѐ - другар. Современиот наставник мора да изнаоѓа современи модели за решавање проблеми, а не да „води војна“ со учениците. Секогаш да се тргнува од техниката „во туѓ чевел“ – вели Богатиноска.

Според неа, возрасните биле деца, тинејџери и многу добро знаат дека воопшто не е лесно да се носат тие „чевли“.

- Ние сме тука да им помагаме, а не да им судиме на децата... да ги охрабруваме, а не да ги демотивираме... да им го покажеме патот, а не да им ставаме рампи. Дијалогот е секогаш најдобриот метод на комуникација и на решавање проблеми. Смиреноста и позитивниот пристап на возрасните сигурно ќе доведат до позитивни резултати кај децата, кои своите емоционални падови најчесто ги манифестираат преку модел на негативно однесување. Затоа, со нив треба да разговараме, а не веднаш да ги осудуваме и казнуваме. За да имаме квалитетно воспитување и образование, потребно е да се врати довербата помеѓу учениците, наставниците и родителите и тие да почнат да си веруваат, да се почитуваат и да се поддржуваат меѓу себе - додава наставничката.

Учениците сакаат наставникот да ги разбира

М-р Ники И. Котевска, професорка по психологија во скопските гимназии „Георги Димитров“ и „Никола Карев“, гешталт-советник и кариерен советник, се согласува дека да се биде наставник во денешно време е навистина еден голем предизвик.

- Потребно е да се поседуваат и одредени човечки особини, да се биде трпелив, забавен, иновативен, флексибилен, лојален, чувствителен, доверлив..., кои во минатото можеби не биле најважни во извршување на професијата наставник со оглед на оној класичен авторитарен стил и однос наставник-ученик. Она што во денешно време учениците го истакнуваат како посакувана особина на наставникот се отвореноста и разбирањето на ситуацијата во која моментално се наоѓаат. Во време кога учениците, но и родителите се различни во однос на минатото, со сите оние денешни права што ги имаат, знаења, проблеми, современата технологија, можноста за искривување на реалноста, треба да се биде особено внимателен во пристапот со учениците – потенцира таа.


М-р Ники И. Котевска

Според неа, учениците добро знаат да проценат до каде е границата до која може да си дозволат одредено однесување, нашите деца се онакви какви што ние ќе им дозволиме да бидат, но за разлика од минатото, пристапот и методот за поставувањето граници се променети.

Учениците ги примаат казните на различен начин

Како што вели психологот, иако сè уште важат оние стари принципи на казни (пишување единица, излив на негативни емоции од страна на наставник, бркање од час, испраќање кај психологот итн.), денешните деца ги примаат казните на различен начин.

- Па оттука, ако ние сме ја добиле одредената казна со непријатни емоции каде што доминирале емоциите на страв и срам, нашите деца доживуваат емоции на лутина, бес и пројавуваат одредено ниво на агресија. Ова е доказ дека промената на начинот на кој растат и се развиваат нашите деца подразбира неопходна промена и кај нас како наставници и родители, подразбира употреба на нови техники и методи на учење и воспитување, подразбира нов концепт на сите лични карактеристики кај наставникот кои ќе бидат прифатени од страна на децата, но и јасно умеење да се постави граница во односот наставник-ученик – вели таа.
Како што посочува Котевска, само со професионално напредување, но и лично кај наставникот, зајакнување на соработката наставник-родител и воспоставување пријатна училишна клима ќе може да обезбедиме добар и квалитетен образовен процес во кој ќе ги остваруваме нашите заеднички цели.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема