X
 02.12.2020 Наша тема

Разговор со Мила Царовска: Како ќе изгледа новиот национален образовен модел што се креира во МОН

Во Министерството за образование и наука почнува да се работи нов образовен модел. За тоа како ќе изгледа новото образование и кога ќе се работи по новите замисли, разговаравме со министерката Мила Царовска. Иако работите сè уште се на почеток, таа најавува повеќе време во училиште, помалку предмети, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици, кои ќе научат критички да размислуваат, а не само да паметат фактографски... Искуствата ќе ги црпиме од десетина европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска, но ќе се создава наш национален македонски образовен систем



Многу години наназад слушаме за потребата од образование кое ќе создава ученици што критички ќе размислуваат. Тоа неодамна го најавивте и Вие, кога рековте дека согласно меѓународни искуства, МОН ќе креира нов образовен модел. Како планирате да го изведете тоа? Што значи тоа?

- Имаме првичен план кој е многу амбициозен, но и реално остварлив затоа што замислата jа реализираме преку еден инклузивен процес и пристап, со учество на сите засегнати страни, но и чинители со желба да помогнат во градењето национален образовен систем со европски предзнак. И со сето ова ја правиме новата концепција на образование да биде достапна за учениците и наставниците од идната учебна година. За овие два и пол месеца колку што сум во Министерството, формиравме работна група во која учествуваат претставници од Бирото за развој на образование, наставниот кадар, универзитетски професори, домашни и меѓународни организации. Оваа група веќе работи на развивање нов современ концепт на основно образование, што подразбира не само менување на начинот на кој се вршат предавањата, туку целосна и суштинска промена на наставните и дидактичките материјали за основно и за средно образование, но и на начинот на пристапување на наставниците кон учениците. Целта на оваа промена е да го напуштиме традиционалниот начин на фактографско учење и да преминеме на образование кое создава граѓани што размислуваат критички и логички, граѓани кои стекнатото знаење ќе го поврзуваат во секојдневното живеење, што е тенденција во цел свет. За оваа цел, веќе е доставен и прашалник со истражување до сите наставници, а тоа истражување ќе се спроведе и кај родителите и кај учениците. Конечно, тие се најдиректно засегнати и најдобро можат да кажат какви промени треба да се направат. Истовремено со реформите во основното образование течат и процеси за реформирање на средното образование, бидејќи нашата крајна цел е преку образовниот процес да создадеме граѓани кои треба да работат, живеат и да го градат општеството утре.
Училиштата треба да ги подготват сегашните генерации за работни места што сè уште не се создадени, за технологии што сè уште не се измислени, за решавање предизвици кои не се предвидени. Низ образовниот процес треба да се создаваат млади луѓе со развиени вештини за критичко и аналитичко размислување, што ќе им бидат основа за успех во животот.

Што сметате дека чини во нашиот образовен систем, а што мора да се промени?

- Има работи со кои се согласувам дека се во ред и давам силна поддршка да продолжат да се имплементираат и да се надградуваат и понатаму. Сметам дека образованието е едно од најважните прашања од национален интерес, па затоа треба да продолжат политиките што дале добри резултати, но и да се менуваат оние што се неуспешни. На пример, воведеното дуално образование кое како концепт овозможува создавање на добро подготвени кадри за брз настап на пазарот на трудот, односно за лесно наоѓање работа, или, пак, добра основа за понатамошна образовна надградба. За мене е неприфатливо наставниците да немаат доволно слобода во избор на материјали за едукација на учениците, односно мора да се водат по учебник кој е издаден некогаш и потоа останал непроменет со години и има застарена содржина, стереотипи, дискриминација и така натаму. Овие работи мора да се променат, и веќе работиме на тоа.
Исто така, на она што со години не се работело и треба да се посвети сериозно внимание е реконструкцијата на постојните и изградбата на нови училишта, но и на нивната пристапност за лица и деца со попреченост. Училиштата мора да станат достапни за сите. Затоа, првпат еден од основните критериуми на конкурсот за капиталните инвестиции е токму пристапноста. Главниот услов да поддржиме одреден проект како
Министерство ќе биде неговата пристапност. Овој критериум го воведовме на последниот конкурс и ќе продолжиме да го применуваме во иднина.



Велите дека врз основа на искуства на други држави ќе правите промени и кај нас. Што конкретно ќе се менува?

- Наша основна цел е да создадеме образование кое му овозможува на секое дете да го достигне својот полн потенцијал. Образование преку кое ќе изградиме општество и свет каков што замислува секое дете и кој со гордост ќе им го оставиме на идните генерации. Базата на образованието е основното образование и токму оттука ги почнуваме промените. Идејата на реформата е да имаме подолг период и престој во училиште, но не само за настава во група, туку и за други активности, на пример, некои активности што не може секое семејство да си ги дозволи како дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично. Сето тоа треба да биде дел од училиштето и со тоа да им дадеме еднаква шанса на сите деца. Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици. Искуствата ги црпиме од десетина европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска. Но, сепак, би сакала да напоменам дека создаваме наш национален македонски образовен систем бидејќи образованието е нешто што треба да биде национален интерес и национална гордост.

Имате ли идеја што треба да се преземе и што да направите за повеќе наши ученици да бидат препознатливи на светските тестирања и натпревари?

- Нашиот образовен систем е така поставен што учениците генерално фактографски меморираат знаења и информации, кои во голем дел немаат практична примена. Знаењето што го стекнуваат не го поврзуваат со секојдневното живеење и не е применливо во решавањето на секојдневните предизвици, во реакциите и одлучувањето и така натаму. Ние мораме да создаваме ученици кои ќе носат одлуки врз основа на факти и докази, ученици кои ќе бидат креативни при надминувањето на предизвиците. Но за да го совладаат сето ова, треба да имаат наставници кои се мотивирани да го пренесат знаењето и да ги поттикнуваат да размислуваат. Накратко кажано, креативни и инспиративни наставници. Работиме и на надминување на овие предизвици со тоа што веќе ги започнавме подготовките за ПИСА и ПИРЛС-тестирањата во 2021 година.
Веќе одржуваме редовни обуки на наставниците и директорите и тие ќе траат сè до спроведувањето на тестирањата. За да се постигнат добри резултати, потребен е заеднички труд од сите страни, но верувам дека ќе успееме со посветена работа. Секако дека нема преку ноќ да се искачиме на врвот на скалилото на најдобрите, но верувам дека ќе имаме поместување за неколку места нагоре.



За да се воведе нешто ново во системот, потребно е тоа прво да биде воведено факултативно за да се види како ќе функционира, а потоа да се воведе како нешто задолжително на ниво на држава. Дали промените и новините прво ќе бидат пробни?

- Сепак, рано е да зборуваме за конечни детали бидејќи целата реформа е во фаза на создавање. Првична замисла има, но не е финална. Можеби низ процесот на состанување на засегнатите чинители, анализирањето на меѓународните искуства и така натаму, нешто дополнително ќе се промени.

Фото: МОН
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема