X
 27.10.2022 Наша тема

Катерина Шиповиќ истрча 246 км за околу 34,5 часа во Грција: „Немав криза, премногу вложив и не можев да си дозволам да се откажам“

Мојата инспирација секогаш ја црпам од мојата мајка, која преку своите постапки постојано ме учи на истрајност и упорност во надминување на сите предизвици и во остварување на моите желби и цели. Е токму тоа е и мојата главна цел, моите деца да го научат истото од мене, ни изјави ултрамаратонката Катерина Шиповиќ

Маратоците велат - небото е граница. Ултрамаратонците дополнуваат - забележани се стапки на Месечината. Една таква ултрамаратонка која маркира стапки онаму каде што никој не згазнал е Катерина Шиповиќ.



Катерина Шиповиќ е правата македонска ултрамаратонка што учествуваше на Спартатлон во Грција. Делницата, која е 246 километри од Атина до Спарта во Грција, е една од најтешките ултрамаратонски трки во светот. Шиповиќ ја истрча трката за 34 часа, 36 минути и 12 секунди и е на 102. место од околу 380 учесници. Покрај многубројните трки, пиедестали, себенадминувања, таа е државен првак на трката на 24 часа со истрчани 180 километри. Успехот не доаѓа само од физичкиот капацитет, туку и од нескротливата волја што Шиповиќ ја има на претек.



Како се појави идејата за Спартатлон... Зошто токму оваа делница ја избравте за себедокажување, себенадминување?

- Спартатлон е една од најпознатите и најпрестижни ултрамаратонски трки во светот, а се одржува во Атина, Грција, што е прилично блиску и полесно за организација. Покрај тоа, оваа делница ја имаат истрчано многу познати ултрамаратонски имиња, што ми претставуваше посебна чест и предизвик да учествувам на неа.

По успешно истрчан Спартатлон, какви слики во главата носите од патеката, како ја опишувате... Кој дел беше најтежок да се помине, да не се застане?


- Трката е главно на асфалт, со вкупна денивелација од околу 3.000 м Д+ распределени низ целата патека. Времето беше сончево и прилично топло во текот на денот, со температура повисока од 30 Целзиусови степени. Таквите временски услови имаат значително влијание врз тежината на трката. Има едно поголемо искачување на планината од околу 1.200 м Д+ кое започнува на 140 км. Речиси сите тркачи што успеале да пристигнат дотука, го минуваат тој предел ноќно време. Последните 700-800 метри од планината пред и по врвот кој се искачува се на треил-патека. Тоа можеби би го издвоила како потежок дел, но не поради тежината на патеката, туку од причина што топлото време од претходниот ден целосно исцрпува, а дотука веќе е помината и голема дистанца, па километрите си го прават своето.



Ја истрчавте трката за 34 часа, 36 минути и 3 секунди... Какви битки водевте во главата? Какви мисли ви го држеа темпото?


- Завршив на 102. место во генерален пласман, 19. место во женска конкуренција. Некакви кризи можеби имаше, но тие беа предизвикани од умор, па неколку пати бев принудена да застанам, да одморам 2-3 минути, па потоа да продолжам. Покрај тие кратки неколкуминутни одмори, направив и две поголеми паузи, првата од 20 мин. и втората од 30 мин., при која имав кратка дремка. Немав ниту една криза што ме натера да застанам или да помислам да се откажам од трката. Едноставно, премногу вложив и не можев да си дозволам да се откажам од оваа трка. Постојано размислував како тече целата трка, што сум консумирала, а што ми недостига (храна, вода, електролити, кофеин). Кога е време да подзастанам да одморам и колку тој одмор може да трае? Се обидував да не направам некоја грешка која би можела да ме чини цела трка.



За да се предизвикаш на ваква патека и трка, секако дека мора да си подготвен физички... Но еве какво е чувството да си на нозе 34 часа, 36 минути и 3 секунди. На што го препишуваш крајниот успех, финиширањето на трката со супер време?

- Мислам дека во одговорот на претходното прашање дадов одговор и на ова прашање. Тука би додала само дека покрај мојот труд, за мојот успех на оваа трка ГОЛЕМО влијание имаат и моите придружувачи. Тоа беа личности кои ми се најблиски и кои најдобро ме познаваат, односно мојот брат Виктор и мојот сопруг Дарко. Ова не е прва трка на која тие ми ја даваат поддршката и помошта што ми е потребна, што значи дека веќе сме испраксирани како тим. Тие двајца точно знаат во секој момент што ми е потребно, па со нивната логистика пристигнувањето до целта беше многу полесно, физички и психички. Од таа причина, мојот успех не би можела да го декларирам како МОЈ, туку како НАШ, заеднички успех. Покрај нив, неблагодарно би било доколку не ги споменам бабите и дедовците, кои беа поделени со по едно дете и куче. Можеби звучи како клише, но факт е дека тоа многу придонесува безгрижно да се фокусирам само на трката, не само јас, туку и мојот сопруг.



Што најмногу ви импонира по исполнетиот предизвик? Како беше да делиш воздух со врвни ултрамаратонци?


- Самото учество на трката беше огромен предизвик за мене, прво, бидејќи ја трчале некои од најпознатите ултрамаратонски тркачи и второ, поради тоа што трката важи за една од најпрестижните ултрамаратонски трки во светот. Дополнителна чест ми претставуваше да ја трчам трката како прв учесник од нашата држава и радост што успешно ја завршив. Финишот на трката ми донесе уште една потврда дека нашиот лимит си го одредуваме самите. Човекот, физички и ментално, може да издржи многу повеќе од претпоставките на општеството.

Што треба да правиш секојдневно за да се постигне ваков резултат?


- Моето секојдневие е многу динамично, но сепак едноставно. Секојдневните обврски го имаат резервирано најголемиот дел од денот и постојано сум во трка со времето за да успеам да го направам мојот тренинг. Е сега, тој тренинг многу често се случува да не успеам да го завршам по план. Уморот и неквалитетниот сон имаат големо влијание и за тоа сум свесна, па се трудам тој момент да го компензирам со исхрана која дава енергија, надополнета со основни витамини кои секојдневно ги консумирам. Се трудам во текот на неделата да имам и 2-3 пократки тренинзи за сила кои дополнително го зацврстуваат целото тело за да може да издржи посериозна дистанца.



Ти си мајка на две дечиња, кои нивни зборови те поттикнуваат да го извадиш својот максимум?

- Јас сум хиперактивна личност која постојано е во движење, па можеби тоа е причина плус за мојата издржливост. Моите деца се мали, 6 и 2,5 години, односно возраст во која имаат сериозна потреба од присуство на нивната мајка. Со секојдневните обврски, како работа, училиште и градинка, остануваат само неколку часа во кои можеме да бидеме заедно. Недостигот на заедничко време не им влијае само ним, туку и мене. Па, од таа причина, неизбежно е моите тренинзи да ги правам додека тие спијат или додека се на гости кај баба и дедо. А мојата инспирација секогаш ја црпам од мојата мајка, која преку своите постапки постојано ме учи на истрајност и упорност во надминување на сите предизвици и во остварување на моите желби и цели. Е токму тоа е и мојата главна цел - моите деца да го научат истото од мене.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема