X
 27.10.2024 Живот

Во Пула станбеното прашање ќе го решаваат преку непрофитни задруги

Непрофитните задруги во Пула, Хрватска, ќе можат да се вклучат во изградба на станбени згради на градско земјиште преку јавен тендер, со рок на право на градба до 99 години преку плаќање симболична такса.

Тоа е еден од предлозите за решавање на станбеното прашање во овој истарски град и во моментов е на јавна консултација, а потоа ќе се пренесе до Градскиот совет.

-Бидејќи на подрачјето на Пула сè уште нема станбени задруги, наскоро се планира јавен повик за едукации и работилници за граѓаните за ваквиот модел. Тоа би можело да се случи на почетокот на следната година, а очекувано работилниците треба да предизвикаат интерес за формирање на првата станбена задруга – истакнал Иван Вадањел од Загребската задруга „Отворена архитектура“.

Во овој модел, граѓаните се здружуваат и заеднички го водат процесот на градење на станбената зграда во која имаат намера да живеат. Изградената зграда е во сопственост на задругата, а нејзините членови управуваат со имотот во сопственост на задругата и имаат право да користат станбени и заеднички простори во согласност со договорот. Станарското право е доживотно, со можност за наследување. Во однос на самите трошоци за градба, тие се намалуваат поради нискиот (кофинансиран) надоместок за градежното право, што резултира и со доделување на станови. На овој начин нема профит за инвеститорот, а станбените згради се многу поевтини отколку што би биле на пазарот“, се објаснува во соопштението од Град Пула.

Почетната такса за правото на градење за станбените задруги се определува „врз основа на пазарната такса утврдена со извештајот за оцена на овластениот судски вештак, а се намалува врз основа на критериуми за бодување, па потенцијалниот корисник може да добие попуст од 50-99 проценти“, се вели во нацрт предлогот на одлуката. Ревалоризацијата на пазарната вредност на надоместокот за градежно право ќе се врши, според предлогот, на секои пет години од денот на потпишувањето на договорот за засновање на градежното право.

Инаку, иако станбените згради изградени на градско земјиште би биле во сопственост на станбени задруги, сепак тоа се смета за јавно домување, бидејќи нема можност за купување на станот, а градот има контрола над задругата преку учество во надзорен одбор.

Пула најдалеку напреднала во подготовката на документацијата за вакви проекти на станбени задруги, вели Вадањел, но почнале со такви активности и во Загреб.

Интересната работа во врска со мерките за решавањето на станбеното прашање е тоа што тие се наменети исклучиво за млади луѓе до 41 година (предуслов е да не поседуваат или да не се косопственик на задоволителен станбен простор или градежно земјиште, со кое можат целосно да го решат станбеното прашање, а просторот се смета за станбен ако за самец изнесува минимум 35 квадратни метри, а за секој нареден член на семејството се зголемува за 10 метри квадратни). Вадањел забележува дека моделот на домување што го заговара неговата задруга, сè уште има за цел тој да биде „меѓугенерациско прашање“, но Пула сепак се фокусира на модел за млади луѓе.

Покрај задругите, правото на градење е предвидено како мерка за младите семејства, што значи дека на земјиште во сопственост на градот Пула, во рок од 99 години и со симболична такса - би можело да се градат куќи и би имало можност да се купи просторот после 10 години. Како што е најавено, станува збор за поделба на големи градежни парцели во сопственост на Градот, заради изградба на семејни куќи на повеќе локации.

Извор: forbes.n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот