Бајкалското Езеро е слатководно езеро во јужниот дел на Источен Сибир. Долго е околу 636 километри, со просечна ширина од 48 километри и зафаќа површина од 31.500 квадратни километри. Се наоѓа на надморска височина од 454 метри. Сместено во тектонска долина, опкружено со планини, тоа е најголемото езеро со слатка вода во Азија и во Европа, и е најдлабокото езеро на Земјата, 1.642 метри.
Исто така, содржи петтина од вкупното количество свежа вода на Земјата, дури 23.000 кубни километри. 336 помали и поголеми реки придонесуваат за оваа количина. Биодиверзитетот е составен од околу 1.500 видови, од кои околу 80 отсто се ендемични. Поради ова, езерото се наоѓа на списокот со светско природно наследство на УНЕСКО од 1996 година.
Деновиве Бајкалското Езеро се појави во вестите поради две други работи. Руски научници успеале да спуштат телескоп на длабочина од 750 и 1.350 метри. „Бајкал џи-ви-ди“, како што се нарекува подводниот телескоп, бил изграден во 2015 година за да се следат неутрините, елементарни честички. Зошто баш во вода? Бидејќи водата е ефикасен медиум за откривање на овие честички што не ги запира ниту Земјината кора, а телескопот ќе бара интеракции помеѓу молекулите на водата во мразот и овие субатомски честички.
Бајкалското Езеро е замрзнато од јануари до средината на мај. Телескопот е составен од оптички сензори спуштени во правоаголни дупки во мразот и тој всушност не е нов концепт бидејќи „Ајс куб“, сличен американски уред, веќе бара неутрини на Антарктикот.
- Бајкалското Езеро е единственото езеро каде што можете да поставите неутрински телескоп поради неговата длабочина - вели Баир Шојбонов од Институтот за нуклеарни истражувања, додавајќи дека транспарентноста на водата е исто така важна, како и фактот дека станува збор за слатководно езеро.
- Фактот што имаме дебела ледена покривка околу 2,5 месеца е исто така важен - вели тој. Но, освен што сега има научен фокус, Бајкалското Езеро, благодарение на неколкуте национални паркови, стана и популарна туристичка дестинација. Поради пандемијата, границите се затворени, Русите не можат да одат на море, па сега повторно го откриваат своето големо езеро.
Русите патуваат по три илјади километри за да стигнат до големото езеро, возејќи автомобили по неговата замрзната површина. Така Русија го запозна сопствениот феномен, создаде туристичка сезона за која воопшто не се надеваше, особено дека повеќето гости ќе бидат домашни. Во периодот кога Кинезите го посетуваа езерото, се лизгаа, возеа велосипеди, се искачуваа, трчаа и скијаа по езерото и околните планини.
- Никој не очекуваше ваква сезона, која не е како никоја досега, со толку многу туристи, особено локалното население. Луѓето што работат тука се во шок - вели Јулија Мусинска, директорка на Историскиот музеј на Олхон, најголемиот остров на
Бајкалското Езеро.
Еден од адутите е мразот дебел еден метар над огромното езеро опкружено со речиси недопрена природа, а другиот адут е тишината што ја нарушува само крцкањето на мразот. Сепак, и покрај фактот дека Русија е сериозно погодена од пандемијата, и државните субвенции придонесуваат за ваквите посети. Имено, секој Русин што ќе се одлучи да посети домашна дестинација, добива 270 долари државен регрес.
Извор:
Vecernji.hr
Фото:
Wikipedia