X
 14.12.2022 Живот

Илјада Албанци ќе бидат вратени дома, порача британскиот премиер Риши Сунак

Британскиот премиер Риши Сунак најави план за справување со огромниот број баратели на азил до крајот на годината, што вклучува и депортација на многумина.

Сунак рече дека ќе биде формирана специјална единица од 400 специјалисти за справување со барањата на Албанците, кои се меѓу најмногубројните баратели на азил во Велика Британија.

Премиерот додаде дека со албанските власти е договорено британските претставници во иднина да бидат распоредени на аеродромот во Тирана, главниот град на Албанија.

- Албанија е безбедна, просперитетна европска земја - изјави Сунак во Парламентот, додавајќи дека илјадници Албанци ќе бидат вратени дома.

Лондон и Тирана деновиве разменија остри зборови во врска со Албанците кои бараат азил во Велика Британија.

Британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман рече дека Англија се соочува со инвазија на мигранти, издвојувајќи ги особено Албанците. Реагирајќи на таа изјава, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека таквиот коментар поттикнува ксенофобија.

Британскиот премиер најави дека дополнителни 700 лица ќе бидат вработени во нова единица чија задача ќе биде да ги надгледува малите чамци на каналот Ла Манш, меѓу Британија и Франција, која е главната маршрута за минување на мигрантите. Исто така, тој објави план за сместување на 10.000 баратели на азил кои чекаат барања во напуштени летни паркови, поранешни студентски домови и воени објекти. Во моментов повеќе од 143.000 апликанти чекаат одлука.

Сунак рече дека е неправедно луѓето да бараат азил откако илегално влегле во Велика Британија, додавајќи дека луѓето се во право што се лути поради моменталниот застој во решавање на барањата за азил, додавајќи дека правната рамка во таа област е застарена.

Тој пред пратениците презентира низа планирани мерки:

- Обврската да се удвои бројот на луѓе што работат на случаи за азил, односно оние што ги оценуваат барањата;
- Формирање нова единица која ќе им помогне на војската, цивилните службеници и Националната агенција за криминал (NCA) да споделуваат информации за премините на каналот;
- Поголема бројка на персонал и ресурси за NCA за борба против организираниот имиграциски криминал во Европа;
- Парламентот да одреди годишна квота за бегалците што доаѓаат во Велика Британија.
  
Сунак рече дека ќе има и зголемен број рации со цел да се извршат депортации. Исто така, тој вети дека на почетокот од следната година ќе бидат воведени нови закони за да стане јасно дека ако нелегално влезете во Велика Британија, нема да можете да останете овде.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот