X
 27.11.2022 Живот

Квалитетна стекната основа на училиште значи напредок и надградба

Ученичето, кога се запишува во прво одделение на училиште, се соочува со нова средина, а само еден учител, со кој ќе расте и ќе се описменува, односно со кој ќе ги стекнува првите знаења и умеења, кои понатаму ќе треба да се прошируваат. Учителот, за детето, има многу важна улога во неговите први години на описменување и стекнување навики на однесување! Токму тој ја дава основата на училиште, која треба да се надградува со текот на школувањето. Тој е, половина ден, втор родител на детето. Како ќе се постави учителот, така ќе биде совладан и разбран од ученикот! Зборуваме за првите почетоци, нормално дека сите други почетоци и предизвици во школската средина се многу важни.

Квалитетно описменет ученик значи напредок и надградба

Додека се учи азбуката, а паралелно се учат и броевите, треба макотрпно да се истрае за целосно и правилно нивно совладување. Пример, една погрешно научена буква целиот живот погрешно ќе се пишува, затоа се потребни: мотив, внимание и заинтересираност. Контролата над работната тетратка на секое учениче треба да биде постојана и континуирана затоа што, на тој начин, се учи од грешките. Не само да напишеме цела страница во тетратка, ами да согледаме што сме напишале и како сме го напишале тоа. Понатаму, развивањето на вештините за изразно и јасно читање е многу важна навика кога се обработува песна, расказ, приказна и сл. Треба да се знае правилно и точно да се чита (литературно), а за тоа секако дека предуслов е правилно научената азбука. Кога тоа е научено, понатаму со текот на времето и барањата во програмата за работа на наставникот се очекува да разликуваме: раскажување/прераскажување на текст, бидејќи тука многу се греши и не се разликува прво и трето лице. Најдобро се учи низ игра, музика и разговор (тоа е доволно, за најмалата возраст). Вежбање, повторување, потсетување, самостојни активности... сето тоа придонесува писмената основа кај ученикот да биде цврста и стабилна, и кога да го прашаш, да знае веднаш да одговори на прашањето. Потребна е многу работа со учениците во одделенска настава затоа што првите почетоци се многу потребни за понатаму да се изгради од ученичето – прав ученик! Верувам дека секој одделенски наставник го дава најдоброто од себе за своите најмили во училницата. Исто така, важна улога имаат и родителите, кои треба постојано да им укажуваат на своите деца зошто е важно да бидат внимателни на часовите и да ги слушаат учителите/наставниците. Понатаму, должностите и обврските ги преземаат одговорните во училницата. Дете кое со радост оди на школо и покажува почит и култура кон претпоставениот и кон другарчињата - соученици, ќе биде на добар пат. Има различни карактери, како на деца така и на просветни работници. Но, со убав збор, паметно, насмеано, секогаш со позитивни мисли, секој еден проблем може да се надмине. Практикувајте убави зборови, децата ги сакаат. Ова е само еден мал дел за тоа што значи потребата од квалитетна стекната основа, а најмногу се однесува на одделенска настава. Нормално, сега таа основа треба да прерасне и да се надгради во уште подобар и поквалитетен, содржински исполнет наставен континуитет!

Преминот и соочувањето: одделенска – предметна настава

Ученик, солидно „поткован“, со квалитетна стекната основа, многу едноставно и лесно се приспособува на новата, за него, предметна настава, кога ќе дојде во шесто одделение, а тоа нормално продолжува и во прва година средно образование. Погоре кажавме кој е клучниот предуслов за предметните наставници да ја продолжат предметната настава со новите ученици. Што е тоа што веднаш може како недостаток, односно пропуст, да се забележи, па да се реагира од страна на предметниот наставник? Секако, прво нешто: ученикот има проблем со читање и пишување; понатаму, проблем со цртање крива линија, собирање, одземање, множење, делење и разни други математички операции... па со ред, ќе се соберат и белешките од другите предмети. Причината за пропустите се бара и открива низ разговор со самиот ученик, со неговите родители, со учителот кој го учел и што друго му преостанува на наставникот освен да организира дополнителни часови и да му помогне на тој ученик да оди напред, а не да стои в место. Многу е корисно навреме да се открие пропустот, за потоа да може да се поправа (колку што се може, се разбира). Наставникот има должност и мора да работи посебно со секој ученик кај кого ќе забележи дека има некаква тешкотија во учењето и разбирањето. Не е така лесно и едноставно да се премине од одделенска во предметна настава, но со текот на времето навиката се совладува и активностите продолжуваат онака како што ги планира и води наставникот. Учиме, во секој случај, како да се однесуваме, односно да го почитуваме Кодексот на училиштето, да се внимава на културата/некултурата на изразување, што е од клучна важност во образовната средина, сепак, е културна установа, и најважно, учиме да бидеме добри, паметни, одговорни во извршувањето на наставните обврски, оти само на тој начин ќе бидат видливи резултатите и успесите. И, да не заборавиме дека треба да соработуваме со соучениците и со наставниците, а да ги почитуваме сите други во училиштето и надвор од него.

За каква било потреба, учениците имаат одделенска заедница, на која треба да дискутираат заеднички, понатаму, како што оди по ред, се консултира: класен раководител, директор, стручна служба во училиштето (педагог, психолог, социјален работник), секретар, благајник, библиотекар и сите помошници во училишната средина. Треба да се има јасен став и поучна организација затоа што така многу подобро и поефективно се функционира. За крај, ќе дополнам: ученик кој има навика да учи и да се докажува, продолжува да ги негува своите навики; додека, пак, ученик кој нема толку голема желба да чита и учи и гледа само колку да помине, јас би го советувал да земе пример и да оди по стапките на неговото другарче, кое има добри намери што сака да биде: образован, примерен и одличен ученик. Не е тешко, потребна е само мала волја. Секој ученик е способен за подвиг бидејќи секој поседува некаква дарба, односно талент, што го прави да биде препознаен. Тоа треба да доаѓа до зачестен израз.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
Тагови:

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот