26.12.2021
Колумни
За распустот нека одморат телефоните и интернетот, да читаме книги
Денешните ученици се натпросечно интелигентни, во чекор со технолошкиот развој, што се вели „светот им е в раце“! Главен недостиг им е фаќањето книга и нејзино листање, односно откривање нови и нови сфаќања, идеи, светови... И нема „не знам“ и „не можам“, ами само можам и ќе пробам, оти така ќе успеам!
Го заокружуваме првото наставно полугодие, кое во најголем број училишта се одвива непрекинато со физичко присуство. Се запазуваат протоколите кои се прочитаа уште на почетокот на учебната година, иако континуирано во текот на полугодието потсетуваме како треба да се однесуваме во време на пандемија. И тие здравствени протоколи важат и за учениците и за наставниците и, секако, за сите вработени во воспитно-образовниот процес и пошироко. Меѓутоа, некои училишни навики мора да се подобрат и да се покажат во вистинското светло, односно да се вратат во нормалата.
Читањето е прв услов за да се совлада и научи нешто...
Желбата за читање и учење треба да произлегува од самиот човек. Исто како што произлегува дневната потреба за вода и храна. Таа желба се води од свеста и совеста на секој, кој треба да има: правилен јазичен израз, богат вокабулар и секако култура на однесување. Не верувам дека минатата (онлајн) учебна година остави трајни последици кај учениците, па тие да покажат одбивност да читаат... Тоа се случуваше и многу порано. Секако, тука мора да се направи строга граница помеѓу нечитачите и читачите (кои нормално ги има). Некој чита и учи за да знае, а некој само колку да помине на училиште. Тука е проблемот и тој мора да се врати во својата првобитна нормалност. Со сила ништо не се прави, така и со учењето, кое треба континуирано да се одвива. Обврската на секој ученик е најпрвин да чита, да покаже волја и љубов кон книгата, а не обратно, па потоа и нешто да научи. Точно е дека интернетот го олесни нечитањето книги и нуди готови производи: од прераскажани лектири до готови семинарски, проекти и многу други работи... Но дали е тоа самостоен труд на оној што сака полесно да помине? Дали е тоа коректен пристап кон наставата и она што наставникот го задава како обврска? И дали тоа му прави добра или лоша услуга, во конкретниов случај, на ученикот? Одговорите се познати, барем искусните наставници ги знаат и не треба, односно нема да им „прогледаат“ низ прсти на ученикот. Затоа, чувството дека треба да се чита, за да се знае нешто, и тоа понатаму да се надградува, мора да се истакнува многу, многу повеќе и подобро отколку што е досега. Не постои никакво оправдување за нешто што треба да биде морална обврска на ученикот, а тоа е: читањето! Денешните ученици се натпросечно интелигентни, во чекор со технолошкиот развој, што се вели „светот им е в раце!“ Главен недостиг им е фаќањето книга в раце и нејзино листање, односно откривање нови и нови сфаќања, идеи, светови... И нема „не знам“ и „не можам“, ами само можам и ќе пробам, оти така ќе успеам! Добро е познато - без наука, нема писменост, а без писменост, нема работен потенцијал. Мирисот на печатена книга не е ист како на електронската книга. Мотивот за учење на училиште го дава наставникот, а оној што треба да возврати и да ја исполни таа обврска е ученикот. Лесно се препознава оној што стекнал навика за читање, а и оној што стигнал до деветто одделение, а можеби и четврта година средно, па и на факултет, а не прочитал апсолутно ниту една книга. Затоа, ајде ученици, вратете ја навиката за читање. Јас верувам дека можете и тоа што поскоро.
Успешно со полугодишниот успех!
Во мои претходни текстови напишав дека оценката е формална бројка, а знаењето е трајна вредност. Тоа и понатаму го мислам затоа што сакам учениците добро да запомнат дека на училиште не се учи за оценки и протекции (да се помине со сите петки без ниту една четворка). Не, тоа е многу погрешно и штетно. Се учи за знаење, за вештини и способности кои понатаму ќе те изградат во професионална личност со принцип и авторитет. Токму тоа важи и сега, пред крајот на првото полугодие: колку си постигнал, драг ученику, толку, не барај повеќе од реалното. Има и второ полугодие, има многу, многу други активности и можности кои ќе ти донесат успеси... Затоа, она што наставникот проценил дека треба да го има ученикот, тоа е најмеродавно. Секој наставник води досие за ученикот и сумира оценка според покажаниот труд на ученикот. Ниту родителот ниту кој било друг не смее да се меша во одлуките на наставникот за ученикот. Кога постои разбирање од двете страни со паметен збор, секогаш, ама баш секогаш се наоѓа решение. Секој ученик добива можност доколку смета дека треба да поправи оценка, но под услов да научил. Оти само кога нешто стабилно и сигурно е научено, има волја и оценката да се поправи. Ученикот треба да му докаже на наставникот дека навистина знае да биде одговорен и доследен на училишните обврски. Толку е доволно, понатаму успехот е видлив. На сите ученици им посакувам да ги искористат сите максимални напори и да имаат задоволителни и успешни резултати на полугодие. И да не им се лутат на наставниците ако им кажат дека треба уште малку да поднаучат или да поработат повеќе... Не, тоа е за ваше добро, деца, послушајте ги тие насоки и нема да погрешите. Секој наставник им го посакува најдоброто на своите ученици. Нека одморат телефоните, а заедно со нив и интернетот, па нека се расчитаат книгите. За зимскиот распуст може нешто интересно да се најде и да се прочита. Обично ние, наставниците по јазик, им даваме лектира на учениците и соодветно да ја обработат. 2022 година нека биде во знакот на читањето (ама книги)!
На крајот, мојот поздрав до сите мои ученици, како и до просветната фела, со една порака: Ви ја честитам Новата година, а заедно со неа ви посакувам среќни и радосни новогодишни и божиќни празници! Живи и здрави, со многу добрини, убави мисли и љубов меѓу сите!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик