X
 05.06.2022 Колумни

Наставничката професија

Да се зборува за една од најблагородните професии во животот, како што е професијата наставник, лично за мене претставува и чест и посебно задоволство. Ќе кажам: наставник, може и треба да биде оној што ги сака децата и кој во настава има една и единствена цел, т.е. мисија - од ученичето да направи прав ученик! Тој пат е долг, трпелив и најважно, мора да биде исполнет со радост и љубов. Така се влегува и се прави првиот чекор во школо и во училница. Така се учат деца. Од моето професионално искуство, еве, речиси 13 години, сум бил по многу основни и средни училишта во Битола, имам впечаток дека во работата никогаш не сум почувствувал замор, а најмалку не тежина, макар и кога требало да останам 10 саати на школо (се случувало, сум заменувал многу години, многу колеги и колешки). Тоа за мене претставуваше и секако ми претставува врвно искуство, начин да принаучам нешто повеќе. Секој занает се кали со учење, а за него, потребен е мајстор!

Наставникот треба да ја сака и почитува својата професија

Добар наставник не се учи, ами се станува низ годините. Доказ за тоа се генерациите кои ќе ги изучи и извади на прав пат, како и впечатоците што ќе ги остави во самото училиште и пошироко. Денес е реткост, а богами и многу пријатно кога ќе чујам некој просветен работник да каже: „со мерак одам на училиште“ или „едвај чекам да си ги видам учениците на час“. Подолго време не сум го чул тоа. Но, нема да навлегувам во причините бидејќи секој наставник има свој авторитет и принцип на однесување во наставата. И тоа треба да се цени. Една работа која никако не можам да ја оправдам е неодговорноста и недоследноста кон работата. Што значи тоа? Тоа значи кога си се определил да работиш со деца, треба да ти биде задоволство и мотив плус да бидеш успешен/а. Не може да доаѓаш на работа само за плата или за чаршиски муабети и колку да помине времето. Тоа не е приоритет во наставниот процес. Рака на срце, ама учениците се искрени и чесни гласноговорници и доволно е јасно да се процени кој наставник работи со нив, вложува труд и време и, секако, секогаш стои на располагање кога ученикот има потреба, за разлика од наставник кој си поминува најлесно (работел-не работел, исто му се фаќа). Тука не е виновен образовниот систем, ами се тргнува од совеста на самиот претпоставен кој се стекнал со титула да учи деца (за жал). Кога се работи со волја и интерес, секогаш ќе има пат кон некаков успех...

Оној наставник што сериозно пристапил кон својата работна обврска точно знае што ќе добие за возврат, затоа што знаењата и вештините на работење си го прават своето. Колку и да имаме специфични ученици, точно дека денешните ученици не се како некогаш, тоа не е пречка да се мотивираат и да научат нешто. Не можеме да бараме вина во некој друг ако самите не се преиспитаме затоа што секогаш се тргнува од пристапот и односот на претпоставениот кон тој убав и млад свет пред кој стои (2 часа, 5 часа, 7 часа) итн. Не смее да демотивира и доминира неработникот, напротив, мора да се приспособи и да тргне по патеките на работникот. Добриот наставник менаџира успешен час, а резултат е гласот кој излегува од училницата. Целта и суштината на наставникот кој сериозно и одговорно пристапува кон својата наставна дејност е нешто да им пренесе на учениците и да знае дека навистина успеал во тоа. Вредниот наставник е пример, затоа, нека се црпи од неговото искуство!

Наставникот-почетник и наставникот-ментор

Обично, на почетокот, кога ќе се вработи помладиот наставник (прво вработување), се води како приправник и му се определува ментор со кој треба да се советува и да добива насоки како треба да пристапува во наставата и во работењето со учениците. Кога постои доследен и дисциплиниран однос помеѓу нововработениот и квалитетниот наставник, работата напредува. Само послушни приправници израснуваат во прави наставници. Многу е важно да се слуша и да се советува со менторот затоа што тој веќе е во настава и неговите компетенции некој треба да ги наследи (во случајов помладиот колега, приправник). Се случува помлади вработени да не сакаат никаква консултација, ниту со педагог, ниту со психолог, ниту со ментор... Тоа не е во ред и претставува многу погрешен начин на однесување. Тоа мора да се искорени. Никој не е сезнаен, особено кога првпат влегува да работи со деца. Врвен приоритет на секој помлад наставник треба да биде консултацијата, интересот за: методите, формите, наставните средства и уште многу други наставни помагала и предизвици со кои ќе се соочува во наставата. Секако, за тоа стојат на располагање компетентни лица во воспитно-образовниот процес. Најважно е, додека приправникот не го положи приправничкиот стаж, па и понатаму, да не го прекинува односот со својот ментор и сите други чинители во стручната служба на училиштето кои многу би му помогнале. Добрата соработка неси плоден резултат! Чест е да се учи од подобриот!

Задоволството од наставната работа надалеку се слуша


Успешни генерации ученици се резултат и сведоштво на класа наставници (вредни, посветени, доследни, вешти во работењето) со многу знаења, со многу квалитети. Познавам многу такви, на кои само им порачувам да продолжат успешно! Никогаш работникот не смее да дојде до ниво и да потпадне под влијание на неработникот (го има и тоа). Работникот има цел и визија, и мора да продолжи да напредува во следење и континуитет на наставните предизвици. Ништо не е тешко кога се сака и може. Прво треба да заслужиш, па да бидеш награден. Мотивот е врвен приоритет! Правите наставници се умешни во секој поглед и во секоја комуникација. Тие ја прават динамична наставничката професија. Прави наставници не се штедат во тоа што го прават, напротив, го даваат максимумот за своите ученици, па и за колегите кога ќе имаат некоја потреба. Ќе биде задоволство солидните наставници еден ден да бидат наследени, односно да има, кој да го продолжи нивниот талент и квалитет!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни