X
 28.01.2020 Живот

Или си со нас или си против нас!

Парламентарни избори во Македонија имало во: 1990, 1994, 1998, 2002, 2006, 2008, 2011, 2014, 2016 година. Севкупно девет изборни циклуси, односно девет влади. Партиите, покрај материјалниот бенефит на своите приврзаници и членови, им носат и еден социјален идентитет


Или си со нас или си против нас!
Дали оваа референција стана симбол врз кој низ годините се гради македонското општество, и зошто?
Концептирано како збир на идеи, општеството поделено во хомоген состав, зависно од епската борба на доброто и злото, кратко го упростува моделот врз кој се гради рамка на социјален идентитет. Според Хејнри Тајфел, социјален идентитет е чувство на личност која припаѓа на одредена група, раса, нација, религија, односно сѐ што придонесува во формирањето на идентитетот, што пак води кон социјална категоризација, или поделба на „тие и ние”, стереотипизација, односно колективно мислење. Сите овие феномени се когнитивни процеси кои се глобално неизбежни и во зависност од рамката различно се манифестираат.

Ако ја земеме за пример хомогеноста на македонското општество заедно со сите диференции, било од религиска било од етничка припадност, гореспоменатите процеси, поради турбулентната социо-политичка историја, демографија, економија, останале недоразвиени, или во најмала рака со видливи недостатоци.
Хомогеноста во нашиот општествен случај првенствено значи стратификација на малите општествени групи, кои веќе три децении не успеваат да се обединат околу општите интереси. Во вака поставениот систем на „колективитет на малите групи“ кои застапуваат одредени интереси, така моделирани што секогаш и за сѐ ги засегнуваат емотивно идентитетските проблеми, бездруго се задушува индивидуализмот и мислењето на поединецот.


Фото: Pixabay

Нужно е да се нагласи дека индивидуалноста во овој концепт е во суштина посебноста на индивидуите кои се обидуваат да донесат и минимална промена, а се придушени во конформизмот на колективитетот кој се бори да ја зачува „правдата и праведноста“ без разлика колку и воопшто нема блискост со оригиналното значење на самиот термин. Поинаку кажано, под праведно се подразбира она што групата го обмислува како такво, а сѐ друго е осудено на стигма и пропаст. Вака поставениот систем има еден крупен недостаток, значаен за нашите согледувања, каде што јасно се спречува создавање на интегрирано општество во кое нема да преовладуваат идентитетско-емотивните идеологии, наспроти доброто на заедниците, независно од диференциите кои го формираат социјалниот идентитет. Ако се запрашаме зошто? Тогаш мора да се нагласи дека секоја групација во суштина ги гледала своите интереси занeмарувајќи ги оние на другите или во крајна мера општиот интерес.

Директен пример за претходно изнесеното може да се согледа и преку изборите во оваа земја и како всушност ова население го разбира и сфаќа плурализмот и демократскиот процес. Парламентарни избори во Македонија имало во: 1990, 1994, 1998, 2002, 2006, 2008, 2011, 2014, 2016 година. Севкупно девет изборни циклуси, односно девет влади. Партиите, покрај материјалниот бенефит на своите приврзаници и членови, им носат и еден социјален идентитет. Најчесто партиите од левицата радикално отскокнуваат во своите програмски идеи и задачи од десницата, практика што секако е логична. Интересно е тоа што се случува во пракса. Додека приврзаниците на лево ориентираните и десно ориентираните меѓусебно „се стрелаат“, емпириски следиме слично политичкото дејствување на двете групации. Сумарно кажано, од разлики што ги прават, единствено креираат лажни слики и претстави за десен и лев блок, при што своите приврзаници ги убедуваат кон овој идентитет. Ваквата политика е глобален популизам.
Популизам кој зад себе ги влече децениските социо-културни проблеми: неоформена политичка традиција, општествена одговорност, неконформизам, слабо или никакво културно дејствување и живеење, централизам и тоталитаризам.

Доколку убаво се размисли, лесно ќе се заклучи дека со максимата „Со нас или против нас, нашиов или вашиов популизам“ единствената разлика ја чинат идеологиите, локацијата на групацијата и раководните лица. Сѐ друго е исто, базично и очекувано, но сепак за оние што се редовни во овој циклус на повторливост, односно изборен циклус, е повод за инвокација на редовната доза патриотизам и национални права и борби, следствено на ова, редовна борба за напредок, либерализам, демократија и праведност.
Или си со нас или си против нас!
Да владееме за да живееме!

Пишуваат: Васко Гичевски, Даниел Ѓорѓевски, Ерсин Дико

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот