„Во женски чевли“ е филм за проблематичните типови научени однесувања кај мажите и кај жените
„Премолчи, женско си“, „Ти си мајка, тоа е твоја работа“, „Научи да готвиш, како ќе те мажиме, ќе те вратат“, „Во ова тесно кошулче и кратко фустанче, сама си го бараш“...
Звучи познато? Здружението на студенти по психологија „Психеско“ изработи краток филм во кој ги прикажува секојдневните стереотипи со кои се соочуваат жените и мажите на работното место, во домот, на улица...
„Во женски чевли“ е филм чија цел е да се прикажат некои од проблематичните типови научени однесувања кај мажите, како и кај жените.
- Сакавме на директен начин да направиме мал чекор кон отварање на очите за различните форми на насилство и потчинетост на жената кои секојдневно ги прифаќаме како нормални. Многу често оваа немоќ произлегува од форсираната машкост во комбинација со научената женска беспомошност – велат од Здружението.
Но, потенцираат дека овој проблем може да ескалира во нешто многу посериозно и позагрозувачко за благосостојбата на жените, а да остане премолчено и прифатено поради научената беспомошност. Се надеваат дека со ова видео ќе придонесат за размислување и реакција на сериозноста и последиците на овој општествен, структурен и длабоко вкоренет проблем.