Има само 16 години, а шах почнал да игра пред помалку од две. За толку краток период успеал да освои многу награди на повеќе натпревари и турнири во земјава и во странство.
Никола Павлески, средношколец од Прилеп, моментално е со најдобар рејтинг во класичен шах на младинци до 16 години во Македонија. Тој годинава е добитник на наградата „3 Ноември“ што традиционално ја доделува градот Прилеп по повод Денот на ослободувањето.
- Шах почнав да играм сосема случајно, точно пред 23 месеци. Имав грип во јануари 2023 година и случајно со татко ми почнавме да играме шах. За неколку месеци стекнав знаење и другите забележаа дека имам голем талент - вели младиот Никола.
Тој е ученик во втора година во СОУ „Ристе Ристески-Ричко” во Прилеп, на насоката електроника и телекомуникации. Но, и покрај училишните обврски, секогаш наоѓа време за шах. Член е на шаховскиот клуб „Прилеп“, а се усовршува и во школата на велемајсторот Звонко Станојоски.
- Гледам и вежбам речиси секој ден и проучувам нови варијанти. Kако и во секој спорт, важно е да имаш талент, а нормално, треба и многу работа. Сепак, најважна е љубовта кон шахот - додава младиот шахист.
На првиот аматерски турнир на кој учествувал, во Прилеп во април 2023 година, кој бил воедно и негов прв настап, освоил трето место. Потоа, на повеќе турнири добил награди за најдобар млад играч до 16 години. На отворено првенство на Куманово бил третопласиран. На младинскиот турнир во ООУ „Наум Наумовски Борче“ годинава меѓу стотина млади шахисти го освои второто место. На државно првенство до 16 години бев трет само поради послаб бухолц од првопласираниот, а со ист број поени.
На меѓународни турнири при годинашниот шаховски камп во Крагуевац, Србија, во конкуренција на 26 шахисти од седум земји, го освоил првото место во забрзан шах. Исто така, екипно со тројца млади колеги од Скопје го освоиле првото место. Имал успешни настапи и за вториот тим на ШК „Прилеп“ на државни првенства.
- Најтешка и највозбудлива партија ми беше онаа со светскиот младински вицешампион до 21 година, велемајсторот Лука Будисавлјевиќ од Србија, со кого играв на екипно првенство во Струга. Таа партија ја изгубив по 4 часа игра иако бевме целосно изедначени во материјал - вели Павлески.
Кај шахот му се допаѓа тоа што самиот влијае врз успехот, што не е случај во екипните спортови.
- Ќе продолжам да играм шах и да се натпреварувам. Шахот ми е нешто повеќе од хоби и ме исполнува. Желба ми е да ги освојам сите шаховски титули и да стигнам до репрезентацијата на Македонија. Желба ми е да играм со некој од најпознатите светски шахисти - вели момчето.
Наградата „3 Ноември“ им ја посветува на членовите на семејството бидејќи му даваат голема поддршка и се негови најголеми навивачи.
Фото: приватна архива