Ќе има целосна ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст – најави Министерството за здравство
Жена (66 ) од околината на Струга позитивна на коронавирус утрово починала, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Таа е четврта жртва во Македонија. Заедно со нејзиниот сопруг вчера биле дијагностицирани дека се позитивни на коронавирус. Пациентката имала срцева болест, хронична белодробна болест и покачен крвен притисок.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 22 нови случаи на коронавирус во Македонија. Во Скопје 9, Куманово - 3, Струга - 3, Тетово - 2, Дебар - 2, Прилеп - 2, Битола - 1. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 денеска до 12 часот изнесува 241 лице.
Според епидемиолошката анкета, семејството на починатата жена непосредно пред прогласувањето на кризната состојба во Дебар (13 Март) било на гости во Дебар и имало контакт со еден од таму заболените доктори, а по сознанието дека и тој е позитивен на коронавирус, семејството било во домашна самоизолација. Откако се јавиле првите симптоми кај заразената, таа на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на вчерашниот ден.
Фото: Pixabay
- Поради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите вчера таа не била примена во болница. Затоа ќе има целосна ревизија на случајот за да се утврди дали има лекарски пропуст - најави Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден направено е тестирање на персоналот на Клиниката за кардиологија, сите тестови се негативни на Ковид-19.
Според местото на живеење, досега случаи на Ковид-19 се регистрирани во:
- Скопје - 143
- Дебар - 45, од кои 2 починати
- Куманово - 20, од кои 1 починат
- Штип - 8
- Прилеп - 8
- Тетово - 4
- Охрид - 3
- Велес - 3
- Струга - 3, од кои 1 починат
- Кавадарци - 2
- Гостивар - 1
- Битола - 1