X
 15.05.2024 Наша тема

Ангела Петрушевска, уметник: Стрипот може да ја разбуди љубовта кон уметноста кај децата

Стрипот како деветта уметност е меѓу најстарите визуелни медиуми во светот, а доказ за неговата моќ е тоа што и големиот Пабло Пикасо од својата муза Гертруде Стајн добивал стрипови во кои наоѓал инспирација за некои од своите големи дела. 

На младата уметница Ангела Петрушевска (19) не ѝ треба инспирација од стрипот затоа што таа самата го создава, ги создава визуелните приказни со својот талент за цртање и го користи за борба против стереотипите и дискриминацијата.

Ангела е матурантка во Државното средно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје и победник на Шестиот стрип-фестивал во Србија, во категоријата од 16 до 18 години, со стрип-приказна против дискриминација на Ромите.



Талентот ѝ го открила наставничката во петто одделение

Ангела има познавања од сликарството, графичкиот дизајн и анимацијата, а почнала да осознава дека ја привлекува сликарството во петто одделение кога била забележана од наставничката по ликовно образование Соња Поповска-Трајковска.

- Прво почнав да цртам. Прв ме забележа мојата наставничка по ликовно Соња Поповска-Трајковска. Ме виде на часови и ми рече дека имам прецизна линија. Благодарение на неа, го развивав талентот и почнав сериозно да ја сфаќам уметноста. Потоа, на 13-14 години дојде сликарството. Користев и интернет каде што можат да се најдат милион видеа и обуки. Се запишував и гледав. Бев фасцинирана од движењето на четката. Почнав да цртам со рапидографи, со пенкала и моливи. Немам омилена техника, но сега користам многу туш и перо, кое го обожавам и гледам да купувам што повеќе од нив - вели Ангела. 



Инспирација црпи од процесите во природата

Ангела смета дека уметникот може да извлече инспирација буквално од сѐ, но најмногу ја црпи од биолошките процеси во природата, од микроскопско ниво до најголемо.

- Елиза Иванова многу ми се допаѓа, како и Димитар Кондовски со неговата феноменална геометризација која има влијание врз мене. Арон Блејз, кој бил аниматор во „Дизни“, изведува феноменална форма исто како и Елиза, која со два-три потези ја доловува формата - открива Петрушевска.

Нејзиниот талент во сликарството бил ставен под знак прашалник во основно училиште, а најчесто од врсниците кои се сомневале дека не знае да црта. Во средното уметничко училиште овој вид „булинг“ го нема затоа што сите се трудат да го дадат најдоброто од себе. Ангела ги користи социјалните мрежи за да стигне до врсниците, но само за да комуницира со нив или да ги информира за своите дела. Поради говорот на омраза и сѐ што се објавува на интернет, Петрушевска смета дека младите треба сами да си постават граници што треба да се следи како содржина.

- Преку социјалните мрежи пишувам и текстови под фотографиите од делата како дескрипција. Преку разговори со младите се трудам да допрам до некого и се трудам секому да оставам барем по некоја дамка од себе - открива таа.



Стрипот го користи за да ги раскаже своите приказни и да се бори против дискриминацијата

Како млад уметник, таа сака да раскажува приказни преку цртежите и анимациите, а за таа слобода на изразување еден од најдобрите медиуми е стрипот. Згора на тоа, Ангела смета дека стрипот како цртачка вештина може да ја пробуди уметноста кај децата уште повеќе.

- Кај стрипот ме привлекоа слободата на израз и просторот, со тоа што јас сакам да раскажувам приказни. Видов дека навистина имам имагинација за приказни, а стрипот почнав да го работам кога се запознав со организацијата Стрип центар Велес и тогаш го запознав господинот Томе Трајков. За жал, стрипот не е ценет во Македонија. Затоа, јас како дел од организацијата и еден од најактивните членови, заедно со Томе Трајков и Ване Трајков се трудиме да го донесеме стрипот во Македонија и да ја разбудиме таа љубов. Стрипот е навистина извонредно изразно средство, тоа е деветта уметност и може да влијае врз културолошкото осознавање.
Има навистина квалитетни приказни и квалитетен цртеж кај многу автори во однос на стрипот и не треба да се занемарува затоа што е спој на литература и уметност, на цртачка вештина. Мислам дека ако стрипот е во наставата како предмет за изучување, ќе придонесе децата да се развијат повеќе и нивната љубов кон уметноста ќе се разбуди уште повеќе - објаснува младата уметница, која прерасна во амбасадор на Македонскиот стрип-центар.



Уметноста во сите свои облици и правци, без разлика дали е сликарство, графички дизајн и анимација, ги зближува различностите. Ангела Петрушевска го направи тоа со стрипот што освои награда во Србија. Преку овој медиум таа влијае и инспирира конструктивни наративи кај своите врсници.

- Правев стрип против дискриминација на Ромите и освоив прво место, но поентата беше пораката што ја пренесов преку стрипот: дека не е важно од каде потекнуваш, туку каков човек си. Многу често знаат да ги стереотипизираат таквите луѓе и да имаат предрасуди за оние што се различни. Имаше и друг натпревар за меѓубалканските односи и затоа направив стрип во кој ја изразувам нашата култура и историја. Целта беше да се зближи Балканот и младите да си ги согледаат нивното минато, нивната сегашност и да размислуваат за тоа како подобро да се учествува во идно заедничко општество. Тоа ни е и целта како Стрип центар - Велес, да ги зближиме сите, прво во Македонија, а потоа на Балканот. Организираме привлекување на луѓе од различни етникуми преку собири и колонии. А позитивниот наратив е опфатен во самото сценарио на стрипот, односно говорот на омраза го нема во стрипот - истакна Петрушевска.

Со уметност да ги промени културата и образованието

Како млад уметник пред кого има плодна кариера, Ангела е задоволна што новите генерации ги отвораат очите кон уметноста како нешто што вреди, но за да се опстане како уметник во земјава, важни се многу фактори што не се поврзани со вештината на уметникот, како што се галерии, уметнички дилери, изложби.
Нејзина цел е да продолжи да работи графика, анимација, дизајн, сликарство во свое студио и во меѓувреме да вметне професии кои ја интересираат, а со кои ќе влијае врз општеството.

- Тоа ми е целта, да оставам белег зад мене и нешто што ќе се памети. Би ја променила цела култура, начинот на изразување, бонтон-однесувањето, би инвестирала во сериозни реформи во школувањето, во начинот на предавање, на формирање на програмата. Потребни се образовани млади за Македонија да стане успешна држава - порача Ангела Петрушевска.



Фото: Иван Наунов

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема