X
 28.03.2022 Живот

100-годишна жена го прослави својот роденден со постарите сестри, кои имаат 102 и 104 години

Не многу луѓе доживуваат да наполнат 100 години. Сепак, во последниве години се чини дека тоа станува сѐ почесто. Она што е уште поретко е да прославите еден век живот со луѓето што го делеле истиот живот со вас.

За три сестри од Канзас тоа чудесно достигнување е реалност. Во ноември 2021 година Френсис Компус го прослави својот 100. роденден. А покрај неа на свеченоста присуствуваа и нејзините две постари сестри, 102-годишната Луси Почоп и 104-годишната Јулија Коприва.

Трите стогодишни сестри биле израснати на фарма во Канзас и биле блиски уште од мали девојчиња.

- Секогаш го правев она што тие го правеа - вели Компус.

Нивните баби и дедовци биле имигранти од Чехословачка, кои станале земјоделци во округот Раулинс, а стогодишниците сметаат дека нивната долговечност е резултат на напорната работа и едноставниот живот на фармата.

- Помладата генерација не верува низ што поминавме. Работиме и денес, но работевме понапорно порано - вели најголемата сестра, 104-годишната Коприва.

Семејната фарма поминала низ тешки времиња, како Големата депресија, кога трите сестри се сеќаваат дека имале среќа да имаат добри, домашно зготвени оброци. Но, една од најголемите промени што ги доживеале за време на нивниот долг живот било кога Законот за рурална електрификација од 1963 година донел електрична енергија на нивната фарма, носејќи ги модерните удобности како фрижидери, замрзнувачи и мали апарати.

Сите едноставни искуства што го менуваат животот - вклучувајќи ги и оние да станат мајки, баби, па дури и прабаби - само ги зближувале низ годините. Всушност, нивните деца се сеќаваат дека често се собирале на семејни собири и прослави. И откако станале вдовици, трите сестри се преселиле во соседни апартмани каде што често ги поминуваат вечерите играјќи карти и домино.

На прашањето која е нивната тајна за толку долг живот, одговорите на стогодишниците се едноставни.

- Мислам дека верата е на прво место - советува големата сестра Коприва. Почоп потврдува, додека Компус додава:

- Јас би им рекла многу да пешачат - вели таа.

Размислувајќи повеќе за тоа како успеале заедно да стигнат до толку значајна точка во животот, трите сестри заклучуваат со една последна мисла.

- Ние јадеме добро, нели? И молете се и обидете се да се чувате од зло - велат тие.

Оваа година Компус, Почоп и Коприва ќе прослават уште една година заеднички живот. Во јуни Почоп ќе наполни 103 години, додека во ноември Компус и Коприва ќе наполнат 101 и 105 години.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот