X
 09.01.2022 Живот

Фасцинантниот живот на Марија Кири - првата добитничка на Нобеловата награда

На 7 декември 1867 година во Варшава била родена Марија Склодовска, која светот ја памети како Марија Кири, првата жена што доби Нобелова награда.

Марија потекнува од скромно семејство од средната класа кое го ценело образованието. Нејзиниот татко бил професор по математика и физика додека не бил отпуштен поради неговите политички убедувања, а нејзината мајка била директорка на женски интернат. Ја напуштила работата кога ја родила Марија, а 10 години подоцна се разболела од туберкулоза и умрела.

Истата година малата Марија отишла во интернат, а потоа се запишала во женско средно училиште, кое го завршила со голем успех. Желбата за понатамошно образование тлеела кај неа. Татко ѝ ѝ ја всадил љубовта кон физиката и математиката, но во тоа време високото образование во редовните институции било резервирано исклучиво за мажи. Тоа било резултат на патријархалните и политичките околности во земјата, но Марија го нашла своето место на Универзитетот „Латајаси“, институција која тајно ги школувала Полјаците.

Марија сонувала да оди во Париз и да се запише на „Сорбона“. Решена да ги оствари своите соништа, таа се договорила со сестра ѝ Бронислава. Финансиски ќе ја помага за време на студиите по медицина, а Бронислава ќе ѝ ја возврати услугата по дипломирањето.

Марија се вработила како гувернанта и приватна учителка во семејството Зоравски и ѝ испраќала пари на сестра си. Таа работа ѝ ја донела и првата голема романса, која несреќно завршила. Се заљубила во Казимиерз Зоравски, синот на нејзините работодавци, кои не можеле да ја прифатат врската со сиромашната гувернанта.

Заљубениот пар сакал да ја легализира врската, но нивната љубов попуштила под притисокот. Марија на крајот се преселила во Париз и се запишала на физика, хемија и математика на „Сорбона“.

1
Фото: Wikipedia

Следувале години на тежок живот, одрекување и глад, но решителната Мараја не се откажала во намерата да дипломира. Научната кариера ја започнала во 1894 година со истражување на магнетните својства на челикот, а истата година во нејзиниот живот влегол и физичарот Пјер Кири.

Ѝ била потребна лабораторија каде што ќе може да прави експерименти, па така тој ѝ понудил место во неговата лабораторија.

Пријателството засновано на заедничка страст за науката полека прераснало во љубов, но Марија го одбила Пјер кога ја побарал за жена затоа што верувала дека ќе се врати во Полска и таму ќе ја продолжи својата научна работа. Пјер бил подготвен да се пресели со неа во друга земја и да работи како професор по француски јазик, но судбината имала поинаков план за нив.

Имено, Марија не можела да добие место на Универзитетот во Краков бидејќи била жена. Тогаш Пјер ја охрабрил да се врати во Париз и таму да го заврши докторатот.

Тие се венчале во 1895 година, а на скромна церемонија Марија наместо венчаница носела темносин фустан, кој години подоцна го користела како лабораториска облека.

Двајцата ѝ се посветиле на научната работа, што во 1903 година резултирало со номинација за Нобеловата награда.

Комитетот првично имал намера да им ја додели Нобеловата награда за физика на Пјер и неговиот колега Анри Бекерел за нивното истражување за феноменот на зрачењето. Меѓутоа, шведскиот математичар и активист за женски права Магнус Густаф Митаг-Лефлер го предупредил Пјер за ова, па по неговиот апел, Марија Кири била номинирана и на крајот станала првата жена што ја добила престижната награда.

2
Фото: Wikipedia

Три години подоцна Пјер починал во сообраќајна несреќа. Марија продолжила сама да ги воспитува нивните ќерки Ева и Ирена, истовремено зацврстувајќи ја својата позиција во светот на науката. Така, во 1911 година ја добила втората Нобелова награда, овој пат за хемија.

Во меѓувреме, одлучила да го овековечи животот на нејзиниот сопруг на хартија, па ја напишала неговата биографија под едноставниот наслов „Пјер Кири“. Набргу потоа се вратила во родната Полска за да учествува во поставувањето на темелите на институтот што денес го носи нејзиното име.

Починала на 4 јули 1934 година од ефектите на апластичната анемија, која најверојатно била предизвикана од  изложување на зрачење.

Денес ја славиме Марија Кири како еден од најважните научници на сите времиња и икона на феминизмот што тера генерации девојки да се осмелуваат да сонуваат големи соништа.

Извор: Zadovoljna.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот